X
 08.03.2021 Култура

Тажната приказна на библиотеката посветена на Марк Твен во Детроит

Библиотеката посветена на Марк Твен, разгранок на јавната библиотека во Детроит, била отворена за јавноста на 22 февруари 1940 година. Во неа имало над 20.000 книги. Архитект на зградата бил славниот Вирт С. Роуланд, кој бил познат како страстен модернист и поддржувач на движењето „Уметности и занаети“, најпознато по придонесот со облакодери во арт деко стил во хоризонтот на Детроит.

Библиотеката се нарекувала регионална и била дизајнирана да биде поголема од другите маалски библиотеки. Имала простор за членовите на заедницата не само за да седат и да читаат книги и списанија, туку и да одржуваат настани и социјални собири. Според историјата на библиотеката, одделот бил активен центар на заедницата со децении.

biblioteka

2

Многу исечоци од весници од 40-тите и 50-тите години забележуваат широк спектар на настани организирани во библиотеката. Во 70-тите и 80-тите, одделот посветен на Твен бил одлично катче за децата и жителите, иако соседството околу библиотеката почнало да опаѓа.

Токму во тоа време приказната зазема тажен тек. Поради зголемените финансиски проблеми во Детроит, библиотеката била затворена во 90-тите години, а подоцна, откако добила пари од државата Мичиген, можела да биде отворена само два дена во неделата. Неколку години подоцна библиотеката повторно била затворена поради структурни проблеми, како што се протекување на покривот и откритието дека зградата содржи азбест. Голем дел од книгите и компјутерите биле преместени во блиската баптистичка црква како привремена локација, додека се реновира одделот.

3

4

Во текот на наредната деценија комисијата за библиотеки во Детроит тврдела дека реконструкцијата продолжила дури и кога почнале да се појавуваат дупки на покривот и се поплавил подрумот. Финансиските проблеми и лошото управување со градот ги одложиле поправките и во текот на 2008 година жителите почнале да реагираат зошто комисијата не ги користи средствата собрани за спас на библиотеката. Тие барале средба со комисијата за да добијат одговори.

- Библиотеката може да ја стабилизира населбата. Слушавме многу од претходните покровители на библиотеката кои пораснаа во областа и уживаа во библиотеката. Мислам дека ова важи за која било библиотека во кое било соседство - изјави во 2011 година, во едно локално интервју на радио, Карен Нагер, активистка од групата „Зачувување на Детроит“.

твен

4

6

Сепак, во 2011 година градот одлучил да ја сруши зградата, а денес местото каде што некогаш стоела библиотеката е празно. На интернет и ден-денес кружат голем број фотографии што го документираат подемот и трагичното опаѓање на одделот посветен на Марк Твен. Сите тие служат како предупредување за тоа што може да се случи кога ќе се запостават и затворат библиотеките.

Дури и денес мештаните се лути за она што сметаат дека е намерен напор да се уништи библиотеката и покрај ветувањето дека ќе се обнови.

Извор: Mhpbooks.com
Фотографии: Facebook
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура