X
 10.04.2022 Живот

Тибинген - жестоко вегански, идиличен град во Европа

Во југозападниот дел на Германија, сместен меѓу Aлпите во регионот на Швабија и густо пошумениот природен парк Шенбух, се наоѓа Тибинген, универзитетски град кој ќе ги засрами повеќето локации на „Дизни“.

Градот е изграден околу речиси совршено зачуваниот стар град, со улички со калдрма, стари дрвени куќи и брановидни канали. Додека историските центри на повеќето германски градови беа уништени за време на Втората светска војна, само една бомба паднала во Тибинген. Реката Некар тече низ центарот на градот, формирајќи мал остров, Некаринсел, кој е покриен со цвеќиња во пролет и има златен сјај во есен.

Тибинген се наоѓа во Швабија, германски регион познат по својата штедливост, кој исто така е едно од најсончевите места во земјата, што го прави значително повесел од другите делови. Значајно е што како академски град, тој е мал, но динамичен.

Градот буквално изгледа како да излегол од бајка, со идиличниот пејзаж и младешка атмосфера; од 90.000 жители повеќе од 27.000 се студенти на Универзитетот во Тибинген. Градот буквално ве привлекува со неговата леснотија на живеење.

Но, тоа не е сè што го карактеризира Тибинген: тој е исто така иновативен, зелен и дозволува постоење на алтернативни животни стилови.

1
Фото: Freepik

Тибинген бил еден од центрите на германските студентски протести во 1968 година, кои се одржале низ цела Западна Германија, отфрлајќи ги традиционализмот и авторитетот.

- Во Тингибен има самоуправни иницијативи за домување, каде што готвењето и купувањето намирници се организирани колективно и е главно се вегански. Луѓето што живеат во овие заедници често се политички активни, негуваат свест за социјални и еколошки теми и придонесуваат за културната сцена со организирање концерти, предавања, фестивали и забави. Храната што се нуди на овие настани е обично веганска - објаснува Џени Бродер, која живее во Тибинген веќе 12 години и работи на Универзитетот.

Всушност, многу луѓе се вегетаријанци или вегани, и вообичаено е да се праша дали некој јаде месо како што е вообичаено да се праша дали има алергии. Градот е и официјален учесник во „Вегануари“, годишен предизвик кој ги охрабрува луѓето да бидат вегани во текот на јануари.

- Нашата вегетаријанска понуда на денот се распродава многу побрзо од понудата за месо - вели Алок Дамодаран, кој управува со камион со јужноиндиска храна во градот. Ова е значајно во земја која е позната по своите колбаси.

2
Фото: Freepik

Зелените политичари се дел од Окружниот совет уште во далечната 1979 година. И бидејќи една третина од неговото население се студенти, градот е дом на образована заедница која е свесна за еколошките прашања. Токму овој млад и енергичен дух овозможува одржливоста да биде функционална.

Седат Јалчин ја отворил пекарницата „Ада“ откако го посетил градот со помош на програма за размена пред неколку години. Додека Германија е позната по донерите и колбасите, во пекарницата на Јалчин практично целата храна е вегетаријанска и веганска.

- Нашата пекарница функционира и работи затоа што сите студенти, но и мештаните се грижат за животната средина - вели тој.

Исто така, градот постојано се редизајнира и ажурира за да биде уште поеколошки. Широките и добро интегрирани велосипедски патеки заедно со високите такси за паркирање го прават градот многу непријателски настроен кон автомобилите. Наредбата донесена во февруари 2022 година прогласи дека повеќе нема да смеат да се возат автомобили по централната улица на градот, која ќе биде резервирана за автобуси и велосипеди. Студентите можат бесплатно да патуваат со автобуси за време на викендите и по 19:00 часот навечер, додека патувањето со автобус е бесплатно за сите во сабота. Локалната власт планира да ги направи автобусите бесплатни цело време.

Тибинген троши трипати повеќе за велосипедска инфраструктура отколку Копенхаген, вели градоначалникот на градот, Борис Палмер. А новиот данок воведен на почетокот на 2022 година – при што Тибинген беше првиот град во Германија што го спроведе – уште повеќе го надгради зелениот статус на градот.

3
Фото: Freepik

„Verpackungssteuer“ (данок за пакување) наметнува дополнителна исплата од педесет центи за секое пакување за еднократна употреба, од шолји за кафе до чинии за сладолед и за оброци. Дополнително, целиот прибор за еднократна употреба како виљушки, ножеви и лажици чини уште дваесет центи. Дури и кутиите за пица и фолијата за носење се оданочуваат. Без оглед на тоа дали се направени од одржлив или рециклиран материјал, сè што е за еднократна употреба ќе биде поскапо, врз основа на принципот дека непроизводството е подобро од идното рециклирање или отстранување.

Данокот веќе има охрабрувачки почеток: првите неколку недели резултираа со до 15 отсто помалку отпад во градските канти за ѓубре. Бројката само ќе се зголемува бидејќи повеќе луѓе стекнуваат навика да носат свој прибор за јадење, а рестораните почнуваат да обезбедуваат пакувања за повеќекратна употреба.

Одлуката, сепак, не помина добро кај единствениот „Мекдоналдс“ во Тибинген, кој го тужи градот поради данокот. Со повеќе од 1.500 ресторани низ целата земја, од „Мекдоналдс“ тврдат дека е тешко да се приспособат решенијата.

Сепак, Палмер е уверен дека данокот за пакување на Тибинген ќе надвладее кога ќе се расправа за случајот во март 2022 година.

Многумина сметаат дека Палмер, кој беше назначен за градоначалник во 2007 година, е заслужен за обликувањето на зелените политики на Тибинген, како што се задолжителните соларни фотоволтаични системи на покривите и бесплатните автобуси во сабота.

- Во последните 15 години видовме намалување на емисијата на јаглероден диоксид по глава на жител за 40 отсто, додека економијата на Тибинген порасна за 40 отсто. Ова ни дава надеж дека можеби ќе има начин да се надмине глобалното затоплување и да продолжиме да растеме - вели тој.

Иако може многу да се научи од моделот на Тибинген, можеби е тешко да се повторат победите на градот бидејќи тие произлегуваат од уникатно поддржувачкиот социјален и политички пејзаж. Дополнително, многумина сметаат дека Тибинген е премногу академски за да се смета за пример од реалниот свет.

Сепак, примерот на Тибинген покажува дека отворањето на патот за позелена планета може да се постигне во мал обем.

Извор: ВВС
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот