X
 13.01.2017 Здравје

Што гледаат бебињата откако ќе се родат?

Кога новороденчето првпат ќе ги отвори очите, видот не му е најдобар. Потребни се неколку месеци за да го воочи светот околу себе.

Научници откриле индиции за тоа што се случува во мозокот на бебињата цицачи кога се обидуваат визуелно да го доживеат светот. Студијата објавена во списанието „Nature Neuroscience“ е дел од тековен проект што се спроведува во лабораторијата на професорот Спенсер Смит, асистент по цитологија и физиологија на Ју-ен-си школата за медицина, со цел да ги мапира функциите на мозочните области кои играат клучна улога во видот на луѓето. Правилното функционирање на овие области е од суштинско значење за враќање на видот.

„Во првобитно време, постојат генетски програми и хемиски патеки кои ги позиционираат клетките во мозокот и помагаат да се формира мрежа. Подоцна, после раѓањето, оваа мрежа активно е обликувана од визуелното искуство: едноставно преку набљудување на светот наоколу, врските во мозокот го унапредуваат визуелното процесирање“, вели Смит. „Дури и најдобрите суперкомпјутери и најновите алгоритми сè уште не можат да се натпреваруваат со способностите за визуелно процесирање кај човекот и животните. Ние сакаме да откриеме како ѝ успева тоа на невронската мрежа.“

Доколку лекот за делумното или комплетното слепило може да се развие преку генетска терапија или ретинални импланти, тогаш истражувачите треба да ја разберат визуелната мозочна мрежа во нејзината целост, за да ги уверат луѓето дека постои можност видот успешно да им се врати.

Деца со катаракта

„Во помалку развиените земји и во руралните средини низ светот, луѓето најчесто не одат на лекар до тинејџерска возраст или подоцна“, вели Смит. „Тие живеат гледајќи нејасни работи. Кога ќе имаат интервенција за отстранување на катаракта, им се обновува поголем дел од визуелната фунција, но не целосно. Можат да читаат и да ги препознаваат своите пријатели, но се соочуваат со потешкотии при перцепирањето на одредени видови визуелни движења.“

За разлика од неразвиените земји, во понапредните - вакви интервенции се прават во раните години од животот, по што видот правилно се развива.

Глувци во мрак  
   
Тимот на Смит спровел серија експерименти врз глувци, меѓу кои бил и чување на глувците во целосен мрак во текот на неколку седмици. Дури и дневната грижа за нив се случувала во комплетна темница, со помош на очила за ноќно гледање. Со користење на систем за визуелизација и прецизни хируршки методи, Смит и колегите успеале да погледнат одредени области од мозокот во резолуција на невронско ниво. Се покажало дека вентралниот визуелен пат кај глувците веднаш се појавувал на компјутерот, со поединечни неврони кои испраќале сигнали кога глушецот реагирал на визуелни стимули. Но, тоа не се случило со дорзалниот пат.

gluvci
Визуелен кортекс кај глувците

Чувањето на глувците во мрак значително ја влоши магнитудата на визуелната реакција во дорзалниот пат. Невроните во дорзалната област не реагираат на начинот како што тоа се случува кај глувците изложени на нормално визуелно искуство. Интересно е што после периодот на опоравување во време на нормална промена на светлината и темнината, визуелниот дефицит во дорзалниот пат опстоил“, вели Смит.

Овие експерименти можат да помогнат да се објасни што се случува кај човечките аналогни делови на вентралниот и дорзалниот пат кога сме бебиња, кога видот парцијално и бавно се развива, а ние се обидуваме да добиеме смисла за светот што околу нас се движи, во текот на првите неколку месеци од раѓањето. 
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје