Во текот на минувањето на овој процес многу е честа манипулацијата токму преку децата. Тогаш, децата се фатени во „стапица“ на лојалност кон еден од родителите. Тоа може да резултира со тага, бунт, лутина, вели Марија Стефанова, психотерапевт од Психолошкото советувалиште „Петар Пан“ од Скопје
Како родителите го прифаќаат разводот, влијае на начинот на кој децата ја прифаќаат оваа новина во нивниот живот. Родителите треба да внимаваат во ниеден момент да не дозволат нивната взаемна лутина да ја покажат пред децата, вели психологот Марија Стефанова, психотерапевт од Психолошкото советувалиште „Петар Пан“ од Скопје.
Според неа, разводот не е настан, туку процес во кој се засегнати сите членови на едно семејство.
- Искуството од разводот е индивидуално. Писателот Душко Радовиќ во една прилика вели: „Кога се разведуваат маж и жена во исто време се разведуваат и нечии мајка и татко“. За здрав социјално-емоционален развој на децата им се потребни сигурни и цврсти врски со нивните родителите. По разводот, мажот и жената престануваат да бидат партнери, но остануваат да бидат родители. Колку што е важна улогата на родителот кој останува да се грижи за децата, подеднакво е важна улогата и родителот кој не живее со нив - вели Стефанова.
Контактот и присуството на родителот во животот на детето е потребен и треба да се овозможи и по разводот. За жал, вели Стефанова, тоа многу често не се случува.
- Поранешните партнери по разводот стануваат непријатели и не овозможуваат здрави услови за развој на своите деца, па забрануваат или оневозможуваат средби и контакт на другиот родител со своето дете - објаснува таа.
Возраста игра голема улога
Многу услови влијаат на тоа како едно дете ќе го прифати разводот на своите родители - свесноста на родителите, возраста на детето, дали има и други деца во семејството, односот на поширокото семејство. Еден од клучните моменти на надминување на тежината на разводот на родителите е возраста на детето, која игра огромна улога.
- Детето кога е мало, на возраст од околу една година, полесно ќе го прифати отсуството на родителот одколку дете на предшколска или школска возраст. Од друга страна пак, многу е важно да се напомене дека на прифаќање и надминување на кризата која ја предизвикува разводот многу е важна подготвеноста, т.е обезбедувањето на услови за соопштување на големата и важна одлука. Ако детето е во адолесцентска возраст, се разбира дека општата збунетост што природно ја следи оваа фаза во развојот ќе биде отежнувачки фактор во прифаќање и надминување на кризата. Но, децата на оваа возраст се многу посвесни и зрели за разговор и објаснување на ситуацијата отколку помалите деца. Секоја возраст има свои специфичности и треба внимателно да се создадат услови во кои детето ќе го добие потребното време, љубов и внимание за да може полесно да ја надмине кризата предизвикана од разводот на двајцата родители - вели Стефанова.
Внимавајте како ќе ја соопштите веста
На прашањето како да се однесуваат родителите за да не им нанесат уште поголема болка на децата кога им ја соопштувата новата вест, Стефанова е децидна дека најважно од се е да бидат присутни двајцата родители. Во зависност од возраста на детето, тие да најдат адекватен начин и на малечките темелно да им ги објаснат причините за разводот.
- Во тој момент тие треба да остават време и можност детето да поставува прашања на кои ќе му одговорат. Така ќе се намали неизвесноста која сама по себе ја носи донесената одлуката. Ако детето не поставува прашања, родителите треба да го поттикнат да почне да прашува, за да му ја намалат збунетоста. Родителите не семат да дозволат нивната меѓусебна лутина и нетрпеливост да ја покажат пред децата или уште полошо, да го оцрнуваат другиот родител. Многу подобро за децата би било ако им се објасни дека мама и тато повеќе не се согласуваат и затоа ќе останат само пријатели - објаснува Стефанова.
За децата и за надминување на кризата многу е важно двајцата родители да останат во добри односи, бидејќи родителството е многу важна тема околу која тие цел живот ќе бидат врзани, без разлика на тоа што престанале да функционираат како партнери. Многу е важна и усогласеноста на ставовите во воспитувањето на децата. Двајцата родители, иако не се веќе во брак, би требало да имаат усогласени ставови околу клучните прашања што се важни за децата. Според Стефанова, на тој начин ќе се избегне збунетоста и на децата ќе им биде полесно да ги прифатат тие ставови, на што и да се однесуваат - запишување на училиште, избор на лекар, летување, ограничувањето за останување надвор ноќно време итн.
За детето се важни и мајката и таткото
Едно од клучните прашања при разводот е доколку во семејството има повеќе деца, дали е подобро да се разделат помеѓу родителите или е најдобро да останат заедно со едниот родител? Стефанова вели дека никако не е добро да бидат разделени.
- Во процесот на развод, децата си се поддршка едно на друго, бидејќи заедно поминуваат низ исти работи, имаат исти прашања и се чувствуваат помалку осамено, како што тоа е случај во семејства со едно дете. Децата се многу поприлагодливи отколку возрасните. Не гледам никаков проблем да имаат два дома, се додека од страна на двата родитела го добиваат потребното внимание, грижа и љубов. Иницијативата за еднакво родителство што е сега актуелна кај нас и каде јас како психолог сум вклучена, ја поддржувам во интерес на децата, бидејќи на тој начин со закон ќе биде дозволено рамноправно родителство и по разводот. Сметам дека е потребно да се донесе таква измена на законот за да се избегне манипулацијата што ја прават родителите преку своите деца во фаза на разводот, а и по него - категорична е Стефанова.
„Стапица“ на лојалност кон еден од родителите
На прашањето колку често и на кој принцип е најлесно за децата да ги гледа другиот родител, таа смета дека не би требало да има ограничување.
- Најдобро би било да постои договор помеѓу двата родитела околу тоа, бидејќи за детето е важно и двајцата родители да се вклучени во неговиот живот. Децата кои се чувствуваат сакани и прифатени, во кои се вложуваат во секојдневните активности и двајцата родители, полесно ги надминуваат проблемите предизвикани од разводот. За да се постигне тоа, потребен е разумен договор помеѓу двајцата родители во итерес на развојот на децата. За жал во текот на минувањето на овој процес многу е честа манипулацијата токму преку децата. Тогаш, децата се фатени во „стапица“ на лојалност кон еден од родителите. Тоа може да резултира со тага, бунт, лутина. На пример, многу чест извор на лутина кај децата преставува обезвреднувањето на нивната потреба за љубов и внимание од другиот родител. Исто така извор на лутина и бес може да биде неизвесноста околу достапноста до другиот родител. Ова е многу чест пример кога едниот родител забранува гледање на децата со другиот родител, сакајќи на тој начин да го „казни“ поранешниот партнер, не внимавајќи при тоа на децата - вели Стефанова.