Но, од каде струја за нив, се прашува професорот по географија и животна средина на државниот универзитет во Сан Франциско, Џекон Хендерсон.
Во статија на вебсајтот на една од светски водечките компании за иновативни урбанистички проекти, Копенхагенајз, Хендерсон пишува дека не е изненадувачки што лидерите на светската климатска политика и најголемите пазари на автомобили – Калифорнија, Германија и Кина, пропагираат масовно јавно субвенционирање на општа електрична моторизација.
Дури и земјите со „најзелен транспорт во светот“, велосипедската Данска и богатата со железници Швајцарија се придружија на идејата, додека Холандија решението за електричните автомобили ја гледа во забраната на продажбата на конвенционалните автомобили со мотори на бензин до 2025 година.
Она што е привлечно кај електричните автомобили е целосното свртување кон обновливите извори на енергија, поради што и новите автомобили се рекламираат како „зелени“, „јаглеродно неутрални“ и возила со „нулта емисија на гасови“.
Но, според Хендерсон, никој не зборува за дополнителното оптоварување, бидејќи ако се погледнат обновливите извори на енергија, повеќе од јасно е дека за нив конкурираат и други, постоечки и легитимни барања за „зелени“ куќи и станови, јавен превоз...
„Пред светот да вложи милијарди долари и евра и огромна количина природни ресурси во преминот кон масовна електрична моторизација, мораме да се прашаме: Од каде ќе ја обезбедиме таа енергија и како ќе изгледа сето тоа?“
Сите луѓе низ целиот свет се надеваат дека сè во нивните домаќинства ќе функционира од енергијата од обновливите извори, што се смета за клучна алка во одржливоста на климата во иднина. Во Данска, која најверојатно е најблиску до оваа цел, ветерниците можат да ги осветлат мнозинството куќи само во текот на неколку ветровити денови.
Но, во зима во Данска е потребен јаглен, гас и спалување на сметот за да можат жителите да се грејат, додека турбините на ветер не можат да обезбедат доволна количина енергија за напојување на автомобилите. Некои оваа загриженост ја отфрлаат со изговор дека допрва ќе се изградат џиновски батерии за складирање електрична енергија добиена од потенцијалот на ветровите за периодите кога времето ќе биде стабилно и без ветер.
Сепак, така „складираниот“ ветер наместо да се чува за батериите на автомобилите, треба да се пренамени за домовите, канцелариите и сл., па сепак останува отворено прашањето за снабдувањето со енергија на железницата и метрото во Данска, кога повторно се појавува сомнеж за предноста во напојувањето со енергија.
Во Калифорнија, најновата соларна инсталација може да ги снабдува со енергија 140-илјади домаќинства, во најоптимален ден. Овој систем чинел повеќе од два милиони долари и 80% субвенции од федералната каса на САД. За да можат да се снабдуваат со струја постоечките 12-13 милиони жители во Калифорнија, треба да се изградат барем уште 87 такви соларни електрани, и дополнителни 40-50 електрани за потребите на 20 милиони жители на Калифорнија што се очекуваат до 2025 година.
Тоа би било огромен, индустриски трошок, па дури и да е возможно да се постават електрани жртвувајќи ги пустинските предели за да се покријат помалку сончевите региони во САД, истото би важело и за индустријата и канцелариите во Калифорнија, особено за големиот електричен возен парк – денес во Калифорнија има 24 милиони автомобили.
Проблем се и самите обновливи извори. Батериите за автомобилите и складиштата за енергија од ветрот и сонцето се произведуваат од руди, каква што е литиумот, со многу отрови и проблеми со отпадот. Фабриките за батерии, независно дали се во Кина или во Невада, нема да работат на соларна енергија или на ветер, освен ако таа енергија не се презема од домаќинствата. Засега фабриките работат на јаглен, гас и нафта, а така ќе биде и во иднина.
За производство на сè помодерните наноматеријали се трошат огромни количини енергија, при што се ослободуваат многу поголеми емисии на поштетни гасови од јаглерод диоксидот. Од ова произлегува дека Данска може да биде „зелена“ во текот на ветровитите денови, но само поради тоа што вистинското загадување е преселено во Кина, Германија и на други места каде што се произведуваат челик, опрема и автомобили.
Електричните автомобили и натаму ќе имаат гуми произведени од нафта, делови од пластика, олово, алуминиум и хемикалии од јаглерод што допринесуваат за интензивно испуштање гасови што ја затоплуваат климата. Тука се и одржувањето на автомобилите, складирањето или рециклирањето кои трошат огромни количини енергија и ресурси, од кои ниеден не се појавува во енергетските биланси на Калифорнија и Данска, констатира Хендерсон.
Соларните уреди, независно дали се наоѓаат на кровот од куќите или во пустините, исто така зависат од рударството, потрошувачката на фосилни горива, бакар, стакло, пластика, уште повеќе алуминиум, штетни гасови, токсичен отпад, разни хидроксиди, арсен, олово, хром и многу друго. Истото важи и за турбините на ветер: пред сè рударство, изградба, транспорт, инсталација, подготовка на земјиштето, огромна потрошувачка на јаглерод за бетонските темели на кулите од ветерниците.
За да може вистински да се создаде масовен систем за електричен транспорт, сите пустини на светот, рамнини, мориња, планински масиви треба да бидат целосно покриени со силициум, челик или пластика. Тоа би значело ескалација на потрошувачката на енергија од огромни размери, пишува Хендерсон.
Освен тоа, ќе се зголеми мобилноста на електричните автомобили, бидејќи луѓето ќе ги возат заради нивната еколошка вредност. Ентузијастите ќе ги покриваат куќите со панели за дополнување на батериите од автомобилите, што е формула за зголемена употреба на возилата.
„Електричниот автомобил сам по себе не може да биде лош изум. Но, сонот за масовна електрична моторизација како замена за постоечкиот автомобилски систем, може да прерасне во кошмар.“
Хендерсон смета дека фосилните горива и емисијата од стакленичките гасови треба да ги користиме за изградба на брзи пруги и за електрификација на масовниот транзит, и да се свртиме кон велосипедите и градови по мерка на пешаците, користејќи ги ветрот и соларните панели за енергетски ефикасни домови.
„Значи, овој е предизвикот за индустријата и за секој кој сонува за иднина со
електрични автомобили. Дајте ни статистика. Од каде би доаѓала енергијата и како тоа реално би изгледало?“, заклучува Хендерсон.