X
 28.01.2017 Живот

Самохраните родители се оставени сами, немаат никакви права и бенефиции

- Во семејствата каде има двајца доносители на добра и распределени обврски, не е исто како во семејствата каде еден и единствен економски, технички, емотивен одлучувач и донесувач е „сингл’ мајката. Одговорноста е огромна и неспоредлива со одговорноста на родителите од традиционалните семејства - вели Дороти Пачкова, активистка за правата на самохраните мајки.

Сами против сите за доброто на своите деца. Веројатно вака многупати се почувствувале самохраните родители во нашата земја. Тие секојдневно се соочуваат со предрасуди од околината, но ова не е нивниот најголем проблем. Тие сами ги гледаат децата, со една плата , најчесто потпросечна и немаат никакви бенефиции од државата. За нив нема попуст во државните градинки, здравството, немаат предност при вработување и никакви социјални бенефиции. Системска заштита на самохраните родители -нешто што е сосема нормална појава во современите држави, кај нас ја нема ниту на хартија. Дороти Пачкова е самохрана мајка, борец за правата на самохраните родители и една од најгласните активистки за заштита на самохраните мајки. За таа цел и го формираше здружението „Една може“. Бидејќи ние не можевме да дојдеме до статистички податоци колку самохрани родители имаме во земјава и колку од нив се жени, ја прашавме дали можеби таа знае?


- Скромните податоци со кои располагаме говорат дека 80 проценти од самохраните родители се жени. Огромен индикатор дека прашањето за овој вид на семејна конструкција, не се решава во земјава е фактот дека Заводот за статистика не располага со податоци околу еднородителските семејства, ниту пак надлежните институции, Социјала, МВР, Здравство, Образование... Досега ни се враќаат одбиени барањата 36 на број, за пристап до информации од јавен карактер под единствена причина дека никогаш не биле водени таков вид на статистики и анализи - вели Пачкова.

Според неа, клучните проблеми на еднородителските семејства во земјава се темелат на непостоењето на системски решенија. Имено, еднородителските семејства се третираат како и вообичаените семејства, иако истите имаат различни услови, приоритети и потреби.

- Не се решени проблемите со приоритетно вработување, со предност при запишување на децата во државни јавни установи, проблемот со домување, со социјални бенефиции или ослободување од даночни обврски. Самохраните родители немаат никакви права ниту бенефиции во земјава - вели таа.



Во современите развиени земји самохраните родители се третираат на многу поинаков начин. Пачкова објаснува дека сè погоре посочено, како наши недостатоци и непипнати сегменти, во светот се убаво уредени.

- Во семејствата каде има двајца доносители на добра и распределени обврски, не е исто како во семејствата каде еден и единствен економски, технички, емотивен одлучувач и донесувач е „сингл’ мајката. Одговорноста е огромна и неспоредлива со одговорноста на родителите од традиционалните семејства. Во сите земји постојат одредени програми кои ги идентификуваат самохраните родителите и нивните деца, како целни групи. Овие програми се однесуваат пред сè на невработеноста, домувањето и недоволната заштита на пазарот на труд, каде што самохраните родители се една од најранливите категории на граѓани. Ваквите програми во различни држави се остваруваат преку различни инструменти: детски додаток, алиментација, породилно отсуство, згрижувачки центри за деца, даночни олеснувања и материјални додатоци - објаснува таа.

Пачкова неодамна ја формираше и организацијата „Една може“- здружение на самохраните мајки. Објаснува дека ова е тампон зона за сингл родители, пред сè мајки.

- Она кое ние како организација која не е поддржана конкретно од никого, се самоорганизираме и се потпираме на личните контакти и пријателства кои ги имаме за да дојдеме до она кое можеме да го понудиме во моментов. А тоа се бесплатни правни советувања, спроведување низ институции, психо терапевтска поддршка, група за самопомош каде сингл маките и сите кои сакаат да донираат си споделуваат материјални добра, совети, разменуваат искуства и се охрабруваат една со друга, прибирање и распределување на донации од бизнис секторот, подготвуваме документи за измена на јавни политики, одржуваме активистички настани, маршови и сл. Паралелно со сите светски женски организации, се бориме против родово базираното и детско насилство, формираме социјално Една прави претприемништво за производство на целосно природна козметика, преку кое ќе биде вреднуван трудот на сингл мајките кои не можат да излезат на пазарот на трудот поради тони неусогласености.

Покрај сите предизвици и потешкотии со кои се соочуваат пред сè самохраните мајки, пред неколку денови тие беа нападнати на социјалните мрежи и нарекувани со најпогрдни зборови од страна на неколку млади луѓе. Ја прашуваме Дороти како се борат со предрасудите секој ден?

- Искуството мое говори дека во времето кога јас станав сингл мама, беше сè уште табу оваа тема, но со сите јавни излагања, гласно говорење и заложби кои ги направив и ќе ги правам, ја донесовме нашава болна тема на дневен ред. Осуди и предрасуди, генерализирања секогаш имало, само што сега имаат прилика да ги слушнат и сите кои не се директно засегнати. Ова е сликата со која се соочуваат сингл мајките, арно што ја отворивме и ајде сега да ја решаваме оваа дискриминација која ја трпат и сингл мајките и децата од овие семејства. Ние сме блудниците, расипаните јаболка, канцерот на ова општество, според мнозинството, ок, Ајде сега да видиме како заеднички да ја разбиеме оваа небулоза и да се избориме за еднакви стартни позиции за сите членки и членови на овие семејства - завршува Пачкова.
Подготвил: М.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот