Во мај 1934 година, во Психолошкиот клуб во Цирих, доктор Јунг почнал да држи семинар за делото на Ниче –„
Така зборуваше Заратустра“. Неговите слушатели – осумдесетина мажи и жени од различна националност и професии, лекари, аналитичари, студенти – инсистирале главна тема на семинарот да биде токму тоа дело од тој автор. Моментот во кој се одржал семинарот – оние пет години помеѓу 1934 и 1939 година, во кои Јунг „се борел и танцувал“ со таа мистериозна книга на Ниче – ќе се покаже трагична за европската цивилизација. Семинарот бил одржан на англиски јазик, стенографиран и на почеток препишан исклучиво за интерна употреба, а во печатено издание излегува дури во 1988 година, не губејќи притоа од својата живописност.
Како млад човек кој пораснал во близината на Базел, Јунг бил фасциниран и потресен од приказните за генијалноста на Ниче, неговата ексцентричност и конечниот пад во доживотна психоза. Четирите тома на овие семинари ја откриваат неговата младешка љубопитност. Делата на Ниче, кои ги прочитал уште како студент на Универзитетот во Базел, оставиле длабок впечаток врз него и никогаш не престанале да влијаат врз неговата мисла. Тука го гледаме Јунг како зрел човек кој говори за мислителот чии дела не само што го преплавиле со длабочината на разбирањето на човечката природа туку биле и филозофски извор на неговите многубројни психолошки и метапсихолошки идеи.
Тој успеал да покаже дека вонредната книга на Ниче - „Така зборуваше Заратустра“ истовремено го осветлува генијот на Ниче и неговите невротични и психотични склоности.
Еве што пишувал Јунг на оваа тема:
„Бог можеме психолошки да го сведеме на врвен водечки принцип. Сепак, кога ќе го формулираме тоа или кое било друго тврдење, мораме да бидеме начисто дека тоа секогаш е наша формулација, она што ние го кажуваме и сфаќаме, наш впечаток, наша слика која ја сликаме.
...Кога формулираме некој исказ во врска со Бог, сите претпоставуваме дека тоа е Бог. На пример, ако тврдам дека Бог е претстава или комплекс со голем емотивен интензитет, или пак врвен водечки принцип, психолошки принцип, сите веднаш ќе вреснат: доктор Јунг вели дека Бог не е ништо друго освен тоа. А тоа всушност и го прави теологот кој вели дека Бог може да биде само добар. Тој дури и нема претстава колку се бласфемични неговите зборови. Како знае дека Бог може да биде само добар? Зборувајќи така, тој на Бог му ја одзема едната половина од светот. Како Бог би бил сè ако тој му ја одрекува можноста да биде и зол? Луѓето грешат кога претпоставуваат дека Бог не е ништо друго освен идејата за него, а Тој изгледа, не се буни за тоа... По претпоставка дека нешто такво апсолутно незамисливо како што е Бог навистина постои, тоа нужно мора да биде надвор од нашиот дофат; во спротивно, ние не би манипулирале со идејата за Бог. Мора да биде нешто што ги надминува нашите ментални способности. Според тоа, кога вложуваме ментален напор да формулираме некаква идеја за Бог, сосема е очигледно дека претставата што ја создаваме е составена од наши сопствени средства, од нашиот сопствен материјал, и дека се работи за крајно ограничена перспектива: нашиот ум, имено, сосема не е во можност да го сфати фактот што всушност претставува Бог...
...значи, секогаш треба да имаме на ум дека она што го кажуваме за Бог е создадено од нашата сопствена психологија: тој факт не сме во можност да го надминеме. Станува збор за нашиот јазик, нашите мозочни клетки, нашето индивидуално искуство, па не сме во состојба да докажеме дека што било во нашето сфаќање може воопшто да допре до вистинското битие на она што го нарекуваме Бог. Сосема е бескорисно да формулираме тврдења за тоа со оглед дека никогаш нема да можеме да ги докажеме. ...По тоа прашање се наоѓаме во апсолутна темнина... Земете го, на пример, христијанскиот Бог, тој
summum bonum: Бог е љубов, со оглед на тоа што љубовта е највозвишениот морален принцип, а Бог е дух, со оглед дека духот е идеја за смислата на својот врв. Од таквите претпоставки се изведуваат сите наши христијански концепции за моралот, а она што го нарекуваме Бог е нивната квинтесенција...
Според тоа, кога
Ниче ќе објави дека Бог е мртов, тој со тоа сака да каже дека е мртов тој водечки принцип, духот, љубовта – се разбира, христијанската љубов, дека е мртво сето она што е во врска со христијанскиот Бог како предмет на верата... Ниче себеси се нарекува атеист, но очигледно е дека таа поставка помалку е под влијание на идејата според која, со оглед дека сме го утврдиле неговото постоење, Богот навистина е. Изразот „е“ според Кант не е ништо друго освен копула во едно тврдење или суд: ни треба глагол кој изразува постоење, но со него не сме создале апсолутно ништо...
...Идејата за натчовекот е природна последица од смртта на Бог: после тој настан човек веќе не може да остане човек. Тој се издигнува над самиот себе, затоа што сите витални процеси кои дотогаш се наоѓале во Бог сега се наоѓаат во него, па така тој станува творец на себе како што Бог бил творец на себе и на светот. Во староегипетските текстови, Бог е творец на сопственото јајце, градител на сопственото гнездо; тој што си помага самиот себе да се изведе, феникс што согорува со сопствениот оган и повторно се раѓа од сопствената пепел; Бог кој вечно одново се создава себе. Затоа Ниче продолжува со говорот за натчовекот, како битие способно да се роди самото себе. И кога и да се предизвика во човекот тој инфламаторен процес, тој станува творец на самиот себе... Заратустра сега е израз на збир на човек и Бог. Тој е во состојба да се уништи себеси и да создаде битие кое го надминува човекот, битие кое, како што се претпоставува, е производ на синтезата помеѓу човек и Бог...