X
 20.09.2022 Живот

Кој владее со Велика Британија: Колку „германско“ има во крвта на британските монарси?

Пред три века, на 12 август 1712 година, кога германскиот принц Георг Лудвиг од Хановер бил прогласен за крал на Англија, тој бил наречен Џорџ I. Така станал единствениот можен наследник на британската круна и првиот Германец што седнал на нејзиниот престол. Поданиците во кралството на почетокот не биле воодушевени, а било забележано и дека имал две љубовници, како и тоа дека едвај зборувал англиски и немал никакви манири.

Но, набрзо Британците забележале дека Џорџ I навистина успешно владеел. Тој успеал да задуши две шкотски востанија, воспоставил двопартиски систем кој е во сила и денес, изградил морнарица и ја проширил Британската Империја.

Неговиот внук Џорџ III бил првиот крал со германско потекло што бил роден во Англија, но тоа не го спречило да се ожени со германската принцеза Шаролт од Мекленбург-Штрелиц, со која имал 15 деца. Сепак, Џорџ III страдал од метаболично нарушување што довело до тешки ментални нарушувања и ја ограничило неговата способност да владее.

dzordz
Фото: Wikipedia

Затоа, неговиот син бил крунисан за крал како Џорџ IV во 1820 година. Неговиот развратен живот го направил непопуларен кај своите поданици. Кога починал, Британците не тагувале бидејќи тој сериозно го нарушил угледот на кралското семејство со својата екстраваганција и ексцентрично однесување. Немал некое посебно политичко наследство, но затоа изградил првокласно културно богатство: ја проширил Бакингемската куќа во Бакингемска палата, а во одморалиштето Брајтон го изградил прекрасниот кралски павилјон.

Кралицата Викторија и кралот Алберт


Во 1837 година Џорџ IV бил наследен од неговата внука Викторија, која иако била родена во Англија, зборувала германски како да ѝ бил мајчин јазик. Покрај тоа, таа стапила во брак со нејзиниот братучед, германскиот принц Алберт од Сакс-Кобург и Гота, на кого Британците му се потсмевале и се прашувале: Што ќе прави нашата кралица со германски провинциски принц? Набрзо Британците целосно го промениле мислењето за него.

Алберт се залагал за своите поданици. Се смета дека тој го донел германскиот обичај да се става новогодишна елка. Тој ја донел првата светска изложба во 1851 година во Лондон, ги реформирал државната администрација и градежништвото во кралството.

Тој придонел за подигнување на угледот на кралското семејство. Во Лондон му бил поставен раскошен споменик, тука е и мостот Алберт, а неговото име го носи една од најпознатите концертни сали во светот, „Ројал Алберт хол“.

„Бабата на Европа“

Викторија родила 9 деца и имала претежно репрезентативни должности. Нејзиното надворешно политичко влијание го засновала на семејните врски со речиси сите важни кралски куќи во Европа. Нејзините деца биле во брак со претставници на важни кнежевски семејства. Затоа, не треба да е чудно што многу владетели во Европа се нејзини потомци: кралицата на Данска, кралот на Норвешка, кралот на Шведска, поранешниот крал на Шпанија и Елизабета Втора.

Викторија починала во 1901 година, а ја наследил нејзиниот најстар син Едвард VI, кој станува првиот англиски крал од германската кнежевска куќа Сакс-Кобург и Гота. Во 1910 година го наследува неговиот син Џорџ V. Сопругата на Џорџ V имала германско потекло - Марија од Тек, односно кралицата Мери.

2
Кралицата Викторија и нејзиниот сопруг Алберт со децата
Фото: Wikipedia

Во Првата светска војна, Германија ја предводел царот Вилхелм II, а Британија кралот Џорџ V, кои биле блиски роднини. Во Англија пораснала антипатијата кон сè што е германско, па Германското Кралство се сметало за главен агресор.

Во 1917 година Џорџ V донел одлука својата германска кралска куќа во Британија да ја нарече Виндзор. Така се нарекува кралската куќа до денес. Истото го направиле и другите англиски аристократски семејства со германско потекло. Од едно од тие семејства потекнува принцот Филип, сопругот на кралицата Елизабета II.

Кралското семејство и нацистите

Синот на Џорџ, Едвард VIII, станал крал во 1936 година. Но, љубовта кон Американката Волис Симпсон, која во тоа време зад себе имала два брака, го натерала Едвард да се откаже од тронот. Неговиот брат Алберт ја зазел круната и станал Џорџ VI.

Во 1933 година Хитлер дошол на власт, а во нацистичка Германија имало многу роднини на англиското кралско семејство. Едвард покажал симпатии кон германските нацисти, па излегла фотографија на која тој и неговата сопруга се ракуваат со Хитлер.

Пред неколку години било пронајдено парче филмска лента на која се гледа како Едвард го практикува поздравот на Хитлер со својата снаа и две девојчиња. Девојчињата се Маргарет и Елизабета, идната кралица. Британците денес не сакаат да се сеќаваат на нацистичките симпатии на кралското семејство и, ако е можно, сакаат да ги заклучат трагите од тие врски.

Колку германско има во кралот Чарлс III?

Мајката на кралицата Елизабета била Британка, така што кралицата само делумно имала германско потекло, иако во текот на животот покажувала германски доблести - дисциплина и свесност за должноста. Нејзиниот сопруг Филип имал претежно германски предци и течно зборувал германски. Тој, сепак, ја отфрлил неговата германска благородна титула.

charles
Фото: Instagram

Неговиот син Чарлс III има околу половина германско потекло во неговата генеалогија. Со првата сопруга, Британката Дијана, ги има двата сина Вилијам и Хари. Сопругата на принцот Вилијам, Кетрин, нема германско потекло, а сопругата на неговиот брат Хари, Меган, е ќерка на Американец со ирско потекло и наводно има одредено германско потекло.

Малку е веројатно дека некој со германско потекло повторно ќе се качи на англискиот трон. Сепак, постои германски потомок на англиските монарси. Станува збор за жена по име Карин Фогел. На листата со потенцијални наследници на круната таа е на 4.973 место. Меѓу нејзините предци е Џорџ I, првиот британски крал кој дошол од Германија.

Извор: Deutsche Welle
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот