X
 23.01.2019 Наука

Дали можеме да наследиме траума?

Кон средината на октомври научниците од Калифорнија објавија истражување за затворениците во американската граѓанска војна во кое се наведува дека кај машките деца на злоупотребувани воени затвореници биле утврдени 10 отсто поголеми шанси да умрат отколку кај нивните врсници, во која било возраст од животот.

Ова откритие е во согласност со епигенското објаснување што претпоставува дека траумата може да остави хемиска трага во гените, што потоа се пренесува на наредните генерации. Оваа трага не им нанесува штета на гените, нема мутации, туку го менува механизмот по кој гените се претвораат во функционални протеини или механизмот по кој доаѓа до експресија на гените.

Полето на епигенетика е популаризирано пред една деценија, кога истражувачите утврдиле дека децата што во матката биле изложени на холандската гладна зима, период на глад пред крајот на Втората светска војна, носеле одредена хемиска трага, односно епигенски потпис на еден од нивните гени. Подоцна научниците утврдиле дека постои врска помеѓу ова откритие и разликите во здравјето на децата во подоцнежниот живот, вклучувајќи и зголемена телесна тежина.

Се направиле многу истражувања. Едно од нив укажувало дека потомците на преживеаните од холокаустот имале наследна траума. Истражувањето сугерирало дека наследуваме некаква трага од искуството на нашите родители и нивните родители, особено нивните страдања, кои го менуваат нашето здравје, но и здравјето на нашите деца.

Но, оваа хипотеза предизвика контроверзии меѓу истражувачите. Оние што ја критикуваа оваа поставка сметаат дека биологијата каква што се имплицира во наведените истражувања не е прифатлива, додека епигенетичарите, од друга страна, тврдат дека нивните докази се цврсти.

Оние што детално се занимаваат со ова прашање сметаат дека критиките се прерано упатени. Истражувањата спроведени на глувци се наведуваат како доказ за пренесување на траумата.

- Ефектите што ги откривме се мали, но конзистентни и значајни - вели Моше Зиф, професор по фармакологија на Универзитетот „Мекгил“ во Монтреал.

Полемиката се врти околу генетиката и биологијата. Директните ефекти се една работа: кога една бремена жена консумира алкохол, тоа може да доведе до фетален алкохолен синдром. Тоа е затоа што стресот што го трпи мајчиното тело делумно се пренесува на фетусот, што директно влијае врз нормалниот развој на матката.

Но, никој не успеал да објасни на кој начин промените во мозочните клетки, предизвикани од злоупотребата, може да се пренесат на целосно оформени сперматозоиди или јајце-клетки пред оплодувањето. И тоа е само еден од предизвиците. По зачнувањето, кога сперматозоидот и јајце-клетката ќе се сретнат, започнува природен процес на чистење со кој се бришат најголемиот дел од хемиските траги. На крај, додека се развива оплодената јајце-клетка, истовремено се одвива симфонијата на генската регенерација, додека клетките се делат на мозочни, кожни и други. Како трауматичниот потпис го преживува сето ова?

Една теорија се базира на истражување на животните. Неодамнешните истражувања извршени на Медицинскиот факултет во Мериленд, предводени од д-р Трези Бејл, се занимаваат со одгледување бели глувци во тешки услови (тресење на кафезот и оставање светло навечер), што влијаело врз однесувањето на гените на овие глувци, во смисла на промена на начинот на кој тие се соочуваат со порастот на хормонот за стрес. Оваа промена е поврзана со промените во начинот на кој нивните младенчиња го поднесувале стресот: младите глувци послабо реагирале на хормоните во споредба со тестираните глувци.

- Ова се јасни, доследни тврдења. Ова поле драматично напредуваше во период од само пет години - наведува Бејл.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука