X
 24.04.2022 Наша тема

Велигденските тридневни обичаи - дел од мозаикот на традицијата негувана со векови

Христовото воскресение - Велигден е најголемиот христијански празник. На овој ден се случило воскресението на Господ Исус Христос, што, според теолозите, означува дека спасителот ја извојувал најголемата победа за луѓето, победата над гревот и смртта. Празникот се празнува три дена. Му претходат долгите велигденски или велики пости кои траат цели седум недели.

Велигден е подвижен празник, но секогаш се паѓа во недела, и тоа во првата недела по полна месечина која настапувала по пролетната рамноденица. Така, Велигден најрано може да се падне на 4 април, а најдоцна на 8 мај.

Како народот ги создавал обичаите за Велигден, за Факултети.мк раскажува м-р Александар Мешков од Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Според традицијата, вели етнологот, македонскиот народ секогаш со подолги подготовки и со посебна возбуда го пречекувал овој празник.

- Велигден кај народот е особено значаен и е проследен со низа обичаи и обредни практики. Во свеста на народот можеби една од првите асоцијации со овој празник е вапсувањето јајца, кое се практикува на Величетврток - посочува Мешков.

Првото вапсано јајце е за здравје и бериќет

Тој вели дека вапсувањето јајца се правело пред изгрејсонце и постоело верување дека јајцата вапсани на Величетврток никогаш не се расипуваат.

- Откако домаќинката ќе заврши со вапсувањето на сите јајца, го зема „првакот“ - јајцето што се чува пред икона преку целата година, сè додека не се замени со ново, па оди до постелите на децата што спијат и со ова сè уште топло јајце ги гали по обравчињата зборувајќи „црвено – бело“. Ова го прави за децата да бидат здрави преку годината и да бидат бели и црвени како самото јајце. „Првакот“ служи и како заштита од град и тогаш кога луѓето претчувствуваат дека претстои лошо време. На пример, кога селото ќе го покријат сиви и темни градоносни облаци, селанката се обидува со „првакот“ да ги отстрани. За таа цел, во дворот ги изнесува јајцето, секира и котел со дно свртено нагоре и вели: „Господе, кај што петли не пеат, кај што кокошки не крекаат, кај што овци не блеат, кај што кози не врескаат – пушти град у планините, у гората, да не ни го утепа бериќетот“. Постои верување дека ако јајцата се убави и еднакво вапсани, годината ќе биде родна и бериќетна. Ако, пак, на нив има дамки, претстојат врнежливи и градовити денови -објаснува етнологот.


M-р Александар Мешков

За Велигден во нова облека

Главна практика на секое македонско семејство во минатото, вели етнологот, било секому да му се купи по нешто ново или да му се сошие нешто, а тоа особено важело за децата и за помладите, оние што биле пред женење или пред мажење.

- Во тој контекст, според едно предание од Порече запишано од етнологот Вера Кличкова, се вели дека Велигден и Божиќ биле браќа. Божиќ бил постариот брат и не внимавал на тоа како и колку е облечен. Главно го интересирало добро да е најаден, па затоа се велело: „Да е цело прасе на трпеза, ако се боси нозе под трпеза“. Велигден, пак, бил помлад и бил многу убав, бил убаво облечен и накитен, па за него се велело „Велигден е плачко“, затоа што на оние деца што немало да им купат нова облека за Велигден, плачеле - раскажува Мешков.

На сретсело со ора и песна

Според обичаите за Велигден, токму на денот, рано наутро, децата убаво облечени одат по куќите да го честитаат празникот за што добиваат по едно црвено јајце. Особена радост претставува обичајот кршење со јајцата.

Во Скопско, како што запишал Миленко Филиповиќ, на првиот ден од празникот се седело дома, а на вториот се одело на гости, на ракија, кафе и сл.
И во Порече на првиот ден од Велигден не оделе на гости, туку по празничниот ручек оделе на сретсело или пред црква, каде што „зазбирувал собор“. Таму играле и пееле песни „велигденечки“ со „икање“.

За заеднички прослави на празникот Велигден сведочи и Милан Ристески. Во мариовските села Врпско и Жиово на вториот и на третиот ден од празникот нивните жители ручале заедно на сретсело каде што играле ора.

Велигден се испраќал не само со песни и ора, туку и со „гачки“ (народни драми).
Во некои предели на вториот ден се изведувал обичајот Скрсти или Литии кој имал функција да измоли дожд и богат род на земјоделските култури.



И во велигденските песни што се пеат по дворовите од црквите и се значаен дел од македонската народна култура, според Мешков, се насетуваат многубожечки претхристијански елементи.

- На пример, настапувањето на пролетта во песната „Стигнала ми се бела Марија“ е прикажано како раѓање на словенската божица Девана, која била божица на пролетта и на плодноста. На Велигден воскреснувала Девана и со неа воскреснувала целата природа. За неа се врзува и белата боја, која претставува симбол за чистота и за чедност, а името Марија најверојатно е името на христијанската Богородица - заклучува тој.
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема