X
 30.08.2022 Култура

Уште по првата епизода од „Куќа на змејот“, Ејч-би-о ја одобри втората сезона

Ејч-би-о ја одобри продукцијата на втората сезона на серијата „Куќа на змејот“. Веста не изненадува со оглед на тоа што премиерата го сруши рекордот на Ејч-би-о за најгледана премиера во историјата на оваа продукциска куќа. Само во САД речиси 10 милион луѓе ја следеа премиерата на оваа стриминг-платформа минатата недела, а Ејч-би-о сега тврди дека таа бројка порасна на 20 милиони по четири дена.

- Многу сме горди на она што го постигна целиот тим на „Куќа на змејот“ со првата сезона. Нашата феноменална екипа прифати голем предизвик и ги надмина сите очекувања, испорачувајќи серија која веќе се етаблира како телевизиска програма што мора да ја гледате. Голема благодарност до Џорџ, Рајан и Мигел што нѐ поведоа на ова патување. Возбудени сме што ќе продолжиме да ја оживуваме епската сага за куќата Таргариен во втората сезона - изјави Франческа Орси, извршна потпретседателка на „Ејч-би-о програминг“.

Сместена 200 години пред случувањата во „Игра на троновите“ и базирана на книгата „Оган и крв“ од Џорџ Р. Р. Мартин од универзумот „Песна за мраз и оган“, „Куќа на змејот“ ја следи приказната за семејството Таргариен.

Фактот што Ејч-би-о ја потврди втората сезона по емитувањето на само една епизода покажува колку верба има матичната компанија „Варнер брос“ во серијата.

Со 10 епизоди чија продукција чини нешто помалку од 20 милиони долари по епизода, „Куќа не змејот“ е долгорочен напор на тимот на Ејч-би-о, предводен од главниот директор за содржина Кејси Блојс, да најде достоен наследник на „Игра на троновите“.

Џорџ Мартин ја создаде серијата заедно со Рајан Кондал, еден од главните продуценти на серијата заедно со режисерот на „Игра на троновите“, Мигел Сапочник. Дополнителни извршни продуценти се Сара Хес, Џоселин Дијаз, Винс Џерардис и Рон Шмит.


Извор: Reuters.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура