Вулканот Пакаја се наоѓа во Гватемала, висок е околу 2.500 метри и се наоѓа на околу 25 километри од главниот град Гватемала Сити.
Тој е еден од 38. вулкани во оваа земја. Неактивен бил околу 70 години, за во 60-тите години повторно да почне редовно да еруптира. И додека луѓето традиционално бегаат од жештината и лавата, еден човек виде бизнис-можност во тие услови.
Пред четири години на вулканот беше отворена единствената пицерија во светот каде што се печат пици во вжештени пештери загреани од лава.
Пица „Пакаја“ е иновативна идеја зад која стои локалниот готвач Марио Дејвид Гарсија Мансила и е вистинска туристичка атракција.
Лавата што тече по планината станала вистинска можност за Дејвид Гарсија. Кога активноста на вулканот малку стивнала и областа станала безбедна, туристите почнале да ја посетуваат.
Гарсија изградил импровизирана кујна од која излегуваат сочни пици. По ерупцијата пред 10 години, тој за своите пријатели почнал повремено да пече пици во малите шуплини што ги наоѓал во карпите. Кога ги усовршил рецептот и процесот, во 2019 година отворил ресторан.
За својот специјалитет тој има метален послужавник кој може да издржи температури и до 1.000 Целзиусови степени. Заштитен со безбедносен костим и облечен во војнички чизми, Гарсија ја става пицата на врвот на лавата. По десет минути на врели камења, специјалитетот е подготвен за послужување! Лавата која излегува од вулканот има температура од 1.000 до 1.200 степени, а пештерите низ кои поминала остануваат топли со години. Веднаш по ерупцијата, која е честа на Пакаја, пештерите се уште пожешки и потребни се само неколку минути за да се испече пица.
Кога првпат се отворил ресторанот, Гарсија немал многу клиенти. Но, социјалните мрежи и позитивното искуство на посетителите го направиле своето.
- Денес многу луѓе доаѓаат да уживаат во искуството да јадат пица направена на вулканска топлина. Јадењето пица печена во топлината на вулканот е фантастично и уникатно искуство - вели тој.
Ако се најдете во Гватемала и сакате да ја пробате оваа уникатна пица, еве насоки и совети. Најлесен начин да стигнете до вулканот е од Антигва, на околу два часа возење со автобус. Не заборавајте да носите удобна облека и соодветни чевли за планинарење бидејќи до „Пица Пакаја“ има околу 90 минути пешачење. Носете крем за сончање, вода и грицки. Бидејќи вулканот Пакаја е национален парк, ќе ви треба овластен водич, а Гарсија треба да се контактира преку „Фејсбук“, „Инстаграм“ или на телефон. Со задоволство ќе ве поврзе со водич кој ќе ве однесе директно до неговиот уникатен ресторан.