Знаеме дека глобалното затоплување влијае врз океанските струи на различни начини, но остануваат прашања за тоа како точно функционира оваа врска. Нова студија се обидува да одговори некои од тие прашања.
Научниците проучувале податоци за 293 места кои одат во минатото дури 66 милиони години, истражувајќи ги празнините во седиментните слоеви за да ја разберат силата на океанските струи низ милениумот и како тоа се поврзува со температурните промени.
Тоа обезбедило многу податоци надвор од оние 30 години откако имаме сателитски снимки кои истражувачите традиционално ги користат за да истражуваат како активноста на океанските струи се менува со зголемувањето на глобалните температури.
- Сателитските податоци, кои обично се користат за да се разберат океанските модели, покриваат само неколку децении, што доведува до слабо разбирање на подолгорочната варијабилност на океаните. Тоа нѐ натера да погледнеме во геолошките податоци за длабокото море за да ги дешифрираме овие промени - истакна седиментологот Адријана Дуткиевич од Универзитетот во Сиднеј.
Тимот утврдил дека во текот на изминатите 13 милиони години, како што Земјата постепено се ладела, паузите во седиментното досие стануваат помалку фреквентни. Тоа посочува дека брзината на струите во најдлабоките делови од океанот се намалила.
Колку за споредба, во периодот на „стакленичка клима“, кој претходел на ерата на ладење која траела 13 милиони години, циркулацијата во длабокиот океан изгледала многу поактивна. Во тоа време глобалните температури биле 3-4 степени повисоки од денешните.
Не морате да живеете на морското дно за да бидете погодени од флуктуациите во океанските струи. Овие длабоки вители имаат влијание врз сѐ.
- Паузите во седиментацијата посочуваат на жестоки струи во длабокото море, додека континуираната седиментна акумулација посочува на помирни услови. Комбинирањето на овие податоци со реконструкција на океанските басени им овозможи на геолозите да следат каде и како се случиле овие седиментни паузи - истакнува геофизичарот Дитмар Милер од Универзитетот во Сиднеј.
Колку повеќе знаеме за минатото, толку подобри ќе бидат нашите предвидувања за моделирањето на тоа како глобалното затоплување ќе ги промени океаните во иднина. Океанот веќе има впиено огромна количина прекумерен јаглерод и топлина. Претходни студии посочуваат дека во периодите на климатско затоплување океаните можат да заробат многу јаглерод.
Сега е јасно дека има поголема активност во длабочините на океаните бидејќи температурите на Земјата продолжуваат да растат. Идните истражувања ќе треба да проценат како тоа ќе влијае врз балансот на животот и атмосферата.
Милер објаснува дека независни студии кои користат сателитски податоци посочуваат дека опсежните океански циркулации и океански вители станале поинтензивни во текот на последните две-три децении на глобално затоплување, што ги поддржува нивните резултати.
Истражувањето е објавено во
„Џиолоџи“.
Извор:
Science Alert
Насловна фотографија: Unsplash