X
 11.04.2019 Наука

Што покажува првата фотографија од супермасивната црна дупка?

Првпат човештвото е сведок на вистинска фотографија од супермасивна црна дупка. Ова е постигнување благодарение на суперкомпјутери, осум телескопи стационирани на пет континенти, стотици истражувачи и огромни количини податоци. Резултатите од овој проект, наречен „Ивент Хорајзон телескоп“, беа објавени вчера на заедничка прес-конференција што беше прикажана во живо низ целиот свет. Покрај фотографијата, резултатите помогнаа да се потврди Ајнштајновата теорија за релативноста.

- Црните дупки се најмистериозните објекти во универзумот. Кога работите долго време на ова поле, добивате одлични резултати. Можевме да видиме нешто што не го очекувавме, но видовме нешто толку вистинито - вели Шеперд Долеман.

teleskop
Еден од осумте телескопи, дел од проектот „Ивент Хорајзон телескоп“


Фотографијата, кружна црна сенка опкружена со светлопортокалов прстен, ја покажува црната дупка во центарот на огромната галаксија Месиер 87 (М87), лоцирана 54 милиони светлосни години од Земјата. Галаксијата има маса 6,5 милијарди пати поголема од онаа на Сонцето.

- Огромната маса на црната дупка на „М87“ ја прави вистинско чудовиште, дури и според стандардите на супермасивните црни дупки. Во основа гледате во супермасивна црна дупка што е речиси со големина на целиот на Сончев Систем - изјави Сера Маркоф, астрофизичарка на Универзитетот во Амстердам.

Црната дупка на „М87“ беше интригантна за истражувачите и поради други уникатни карактеристики. На некои претходни слики од галаксијата истражувачите забележале масивна плазма што излегува од центарот. Тие сметаат дека млазот плазма е направен од материјал што никогаш не бил виден во хоризонтот на настани на црната дупка. Наместо тоа, нивните набљудувања сугерираат дека движењето на црната дупка на „М87“ ги забрзува блиските субатомски честички и ги испраќа во универзумот.

Телескопот „Ивент Хорајзон“ не е традиционален телескоп; терминот се однесува на група од осум телескопи стационирани на пет континенти. Сите ги набљудувале истите области во вселената во текот на една недела во април 2017 година.



- Ова е слика што би ја виделе ако имавте очи големи колку Земјата - вели Димитриос Псалтис, научник кој бил вклучен во проектот.

Иако набљудувањата траеле само една недела во април 2017 година, собирањето и сортирањето на огромните количини податоци траеле неколку месеци. На крајот податоците биле еквивалентни на 5.000 години во мп3 датотеки, вели Дан Марон, астроном и истражувач. Податоците биле снимени на половина тон хард дискови, а потоа физички испратени до централизирани локации каде што со месеци биле анализирани од суперкомпјутери за да се добие сликата што ја гледаме денес.

Пред сликата да биде објавена во јавноста, таа и податоците што се користеле за нејзино создавање поминале низ уште еден чекор: ригорозен процес на рецензија, проверен од истражувачи кои не биле дел од проектот.

Истражувачите што биле дел имале четири главни научни цели кога го почнале проектот. Првата цел била едноставна: да се направи фотографија од црната дупка.

Исто така, истражувачите сакале шанса да ја проверат работата на Ајнштајн. Теоријата за релативноста е постара од 100 години и во текот на минатиот век се држеше прилично добро. Ајнштајн го предвидел постоењето на гравитациони бранови долго пред човештвото да има средства да ги детектира, а неговата теорија исто така предвидува дека силуетата или „сенката“ на црната дупка би била кружна. Врз основа на фотографијата објавена денес, неговата теорија е точна.



- Сенката постои. Речиси е кружна. Денес теоријата за општата релативност помина уште еден значаен тест. Овој тест се протега од хоризонтите до ѕвездите - рече астрофизичарот Ејвери Бродерик.

Другите две цели се покомплицирани. Истражувачите сакале да разберат повеќе за тоа како растат црните дупки и што го тера материјалот што орибитира околу црната дупка да падне во неа. Истражувачите се надеваат дека одговорот на ова ќе објасни зошто материјата што ја опкружува галаксијата „Стрелец А“ е темна, што е необично за материјално кружење на супермасивна црна дупка. Исто така, тие сакаат да откријат зошто и како супермасивните црни дупки во центарот на некои галаксии, како галаксијата „М87“, изгледа дека ги движат масовните протоци на субатомски честички од галаксијата и во поширокиот универзум. Овие две истражувачки цели сè уште се истражуваат од страна на научниците, но тие веќе имаат големи согледувања.

- Црните дупки се главните нарушувачи на космичкиот поредок на најголема скала во универзумот. И тие помагаат во формирањето на формата на галаксиите и кластерите на галаксиите - вели Маркоф.

Тој додава дека благодарение на фотографијата, истражувачите сега можат точно да ја проценат масата на црната дупка, што тежи многу повеќе отколку што претходно мислеле. Истражувачите се надеваат дека кога ќе се објават повеќе податоци, тие на истражувачите ќе им дадат увид за некои од силите што го формирале нашиот универзум.

Ова е првата фотографија направена од црната дупка, но најверојатно нема да биде последна. Истражувачите, исто така, се фокусираа на „Стрелец А“, помала и помалку активна супермасивна црна дупка во центарот на нашата галаксија. Податоците од оваа црна дупка сè уште се анализираат, но истражувачите како Маркоф се надеваат дека можат да разберат повеќе за животниот циклус на црната дупка и како таа влијае врз нејзината околина.

Истражувачите сè уште се обидуваат да ги сфатат процесите што претвораат камче во опасен трн или обратно. За да добиеме одговори, ќе мора да почекаме во следниот увид во најгустите, најтемни места на нашиот универзум.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука