Финансискиот регулатор на САД отвори истрага поради тврдењата дека кредитната картичка на „Епл“ понудила различни кредитни лимити за мажи и жени.
Истрагата следува по поплаките, вклучувајќи ја и таа на коосновачот на „Епл“, Стив Вознијак, дека алгоритмите што се користат за поставување граници можат да бидат својствено сексистички против жените.
- Каква било дискриминација, намерна или не, го крши њујоршкиот закон - велат од Одделот за финансиски услуги во Њујорк (DFS).
Новинската агенција „Блумберг“ во саботата објави дека технолошкиот претприемач Дејви Хејнмиер Хансон се пожалил дека картичката му дала 20 пати поголем кредитен лимит отколку што добила неговата сопруга и покрај тоа што таа имала подобри кредитни поени.
Подоцна, Стив Вознијак, кој ја основа „Епл“ со Стив Џобс, на својот твитер-профил напиша дека истото се случило со него и неговата сопруга и покрај тоа што тие немале посебни банкарски сметки или средства.
Банките и другите позајмувачи сè повеќе користат технологија за машинско учење за да ги намалат трошоците и да ги зголемат апликациите за заем.
Фото: Apple
Но, Хансон, креатор на алатката за програмирање „Руби он Рејлс“, истакнува како алгоритмите, а не само луѓето, може да дискриминираат.
Американскиот здравствен гигант „Јунајтед груп“ е под истрага поради тврдењата дека алгоритамот ги фаворизира пациентите белци.
- Картичката „Епл“ е сексистичка програма. Не е важно која е намерата на индивидуалните претставници на „Епл“, важно е што прави алгоритамот на кој му ја дадоа довербата. А тој дискриминира - изјави Хансон.
Тој рече дека штом укажал на проблемот, кредитниот лимит на неговата сопруга се зголемил.
DFS изјави дека ќе спроведе истрага за да утврди дали е прекршен законот во Њујорк и да открие дали сите потрошувачи се еднакво третирани без оглед на полот.
- Секој алгоритам што намерно или ненамерно резултира со дискриминаторски третман кон жените или која било заштитена класа го крши законот на Њујорк - изјави DFS.
- Нашите одлуки за кредити се засноваат на кредибилитетот на клиентот, а не на фактори како што се пол, раса, возраст, сексуална ориентација или која било друга основа забранета со закон - изјави инвестициската банка „Голдман Сакс“.
Картичката „Епл“ што беше лансирана во август беше првата кредитна картичка на „Голдман Сакс“.
Производителот на ајфон, пак, на својата веб-страница ја рекламира
картичката како нов вид картичка креирана од „Епл“, а не од банка.