Замислете го следново, постапокалиптично сценарио – се случила катаклизма, катастрофа која го уништила модерното човештво, но на оддалечен остров, во добро заштитено скривалиште или вселенски брод, и група луѓе сепак успеваат да преживеат.
Сега ги чека возбудлива борба, да успеат да не бидат истребени, иако се припадници на некогаш семоќниот вид на Земјата. Колку припадници се неопходни за таа операција? Всушност, колку луѓе се неопходни за да се обнови човештвото?
(
Фото: Pixabay)
Штотуку објавеното истражување на астрономите и физичарите од Стразбур покажа дека за таа „мисија“ би била доволна популација од 98 луѓе. Во ова необично истражување симулирано е патување на група луѓе до најблиската ѕвезда Проксима Кентаури Б во текот на 6.000 години, колку што се потребни со денешната технологија за таква оддалеченост. Како што пишува списанието „
Њу сајантист“, стотина луѓе претставуваат оптимален број за долгорочен опстанок на колонијата на такво вселенско летало.
Истовремено, јасно е дека за таканаречената репопулација не е доволен еден човек, па дури ни две или три лица ако се од ист пол. Иако во традицијата на сите денешни религии добата на човекот почнува со само еден маж и една жена, исклучително е мала веројатноста дека толку мала почетна популација би можела реално да опстане, да обезбеди доволно храна, да ги преживее епидемиите и другите предизвици, а не пак значително да се размножи.
Многу размислувања покажуваат дека стотина луѓе (од кои половината се жени, а другата половина мажи) не само што се доволни да опстане вселенската колонија туку и се доволни за човештвото да почне отпочеток и да успее да се обнови по доволно долго време. Всушност, токму ова веќе се случило, и тоа најверојатно неколку пати во историјата на човекот.
Таканаречениот ДНК-часовник, техника со која генетичарите разгледуваат различни варијанти на ист ген (настанати со мутација) и нивно групирање, откриваат дека сите „се слеваат“ до последниот заеднички предок, што овозможува да се направи увид во минатото. На овој начин се покажало дека денешниот свет е населен од група од стотина луѓе кои пред околу 70.000 години тргнале во голема миграција од Етиопија, за да се размножат до популација која ги опфаќа денешните околу 7 милијарди луѓе.
Во споменатото истражување астрономот Фредерик Марин од Универзитетот во Стразбур и физичарката Камила Белуфи од компанијата „Casc4de“, кои изработиле компјутерска симулација на патувањето до за нас најблиската ѕвезда, Проксима Кентаури Б, заклучиле дека во такви околности популацијата би требало да се развива, но не смее да се шири пребрзо. Нивната симулација модерирала размножувања, опасности како смртоносни епидемии, но и умирања поради пребрз раст и недостиг на храна и ресурси. Така стигнале до заклучок дека група од 49 мажи и 49 жени на вселенски брод би била идеална за опстанок на 6.000 години долгото патување.