X
 16.09.2019 Живот

Места што полека исчезнуваат. Сето она што човекот успеал да го уништи

Градовите тонат поради глобалното затоплување, повеќевековните цркви се потопени... Научниците речиси со прецизност може да кажат кога знаменитостите ќе се најдат под вода.

Венеција

Цел еден век „пловечкиот град“ полека оди кон тоа да стане „подводна атракција“. Експертите тврдат дека причината за тоа е просечниот годишен раст на висината на морето од 4 милиметри. Северниот дел од градот тоне од 2 до 3 милиметри, а јужниот дел од 3 до 4 милиметри годишно.

Се очекува овој тренд да продолжи понатаму исто како природниот тектонски процес што полека ги турка темелите на градот под италијанските Апенини. Во наредните две децении Венеција би можела да потоне 80 милиметри.

Мртвото Море


Мртвото Море е најголемата светска депресија. Станува збор за солено езеро во Блискиот Исток во кое се влива реката Јордан. Длабоко е околу 400 метри.

За жал, и оваа атракција наскоро може да исчезне. Сушењето на Мртвото Море почнало во текот на 60-тите години кога Израел, Јордан и Сирија, поради наводнувањето, почнале да го менуваат текот на реката Јордан, главниот извор на ова чудо на природата.

Оттогаш длабочината на водите во Мртвото Море паднала за 40 метри. Освен тоа, разни компании ја користеле водата од Мртвото Море за да ги искористат неговите минерали, особено за медицински цели.

Големиот корален гребен



Големиот корален гребен е еден од најважните екосистеми во светот, поради што е и во опасност, најмногу од најинвазивниот вид на планетата - луѓето. Природното светско чудо се наоѓа во Коралното Море и се протега низ Североисточна Австралија.

Овој прекрасен природен феномен има 400 вида цврсти корали, 300 меки корали, 1.600 вида риби, 134 вида ајкули, 30 вида китови и делфини, 6 вида желки, 15 вида змии и повеќе од 3.000 вида школки.

Но, поради загревањето на океанот, загадувањето, нелегалниот риболов и други негативни фактори, научниците предвидуваат дека би можел да исчезне до 2030 година.

Вратата на пеколот



Гасниот кратер Дарваза во Туркменистан локалното население го нарекува Вратата на пеколот. Станува збор за кратер од природен гас со размер од 69 метри и длабочина 30 метри.

Експертите уште во почетокот на 70-тите години од минатиот век верувале дека на ова подрачје се наоѓа големо наоѓалиште за нафта, но кога почнале да дупчат, се отворила земјата, па се создал кратер од кој почнал да излегува метан.

За да се спречи ширењето на опасниот гас и еколошка катастрофа, геолозите го запалиле. Верувале дека ќе гори неколку дена, но гори и денес и никој не знае кога ќе престане.

Мадагаскар

Пред доаѓањето на првите доселеници речиси целиот остров бил прекриен со шума - дом на 5 отсто од сите растителни и животински видови на Земјата, а кои можат да се најдат само на Мадагаскар.


Причината поради која на ова мало парче земја се наоѓаат толку ендемски видови растенија и животни се крие во минатото на островот. Поради импресивните и единствените флора и фауна, многу луѓе Мадагаскар го нарекуваат осмиот континент.

За жал, поради безмилосното сечење на дрвјата, површината на шумата драстично се намалила. Останале само 10 отсто од првобитната површина. Животните што живеат на островот полека исчезнуваат заедно со шумите.

Малдиви


Атрактивната тропска дестинација Малдиви се наоѓа во Индискиот Океан на 3 часа лет од Дубаи и само еден и пол час лет од Шри Ланка. Во овој архипелаг се наоѓаат дури 1.200 острови, од кои 200 се населени.

Мале е главниот град и има 100.000 жители, додека на цел остров има вкупно 400.000. Сепак, овој син рај полека тоне.

Салар де Ујуни


Најголемата солена површина на светот се наоѓа во Боливија и се простира на повеќе од 10.000 квадратни километри. Претставува една од најголемите атракции на оваа држава, но и на цела Јужна Америка. Ова чудо е сместено во Југозападна Боливија, а името го добило по најблискиот град Ујуни.

Соленото езеро е ризница во која се кријат помеѓу 30 и 50 милиони тони литиум кој, меѓу другото, се користи за производство на батерии, а потребата за него не престанува.

Застрашувачките количини вода што се црпат од езерото се причина за намалување на резервата на слатката вода, а некои животински видови, како фламингото, веќе исчезнале.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот