X
 17.08.2020 Наука

Зошто сонцето некогаш е црвено?

Овој спектакуларен феномен е добро познат, но дали знаете зошто се случува?

Најчесто можете да го забележите во времето кога сонцето изгрева или заоѓа. Сонцето станува црвено, а небото добива портокалови или дури и пурпурни тонови. Тоа е поетично, романтично, но пред сѐ е чиста наука. Гледајте го за себе, но запомнете, апсолутно никогаш не гледајте директно во сонцето! И не ни помислувајте да го набљудувате со двоглед или телескоп - тоа би можело да ви го оштети видот и да предизвика трајно слепило.

Најдобрата претстава во градот

Од овој небесен спектакл можеби ќе останете без зборови, но еве сепак два клучни збора за вас: Рејлиево расејување. Жал ни е што ќе ви го расипеме расположението, но сѐ се сведува на старата добра физика и „оптичките својства на сончевата светлина која минува низ Земјината атмосфера“, вели астрономот Едвард Блумер од Кралскиот музеј во Гринич, Англија.

Прво мораме да ја разбереме светлината, која се состои од сите бои на видливиот спектар - црвена, портокалова, жолта, зелена, сина, индиго и виолетова.

- Суштината е во расејувањето на сончевата светлина, а таа не се расејува рамномерно - вели Блумер.

Секоја боја има различна бранова должина и поради тоа секоја нијанса изгледа така како што изгледа. На пример, виолетовата има најкратка бранова должина, додека црвената најдолга.

Следниот чекор е разбирањето на нашата атмосфера, слоевите на гасовите - вклучително и на кислородот што го дишеме - кои ја опкружуваат нашата планета и ѝ овозможуваат живот.

Расеана светлина

Како што сончевата светлина минува низ различни слоеви на воздухот - секој од нив со гасови со различна густина - таа се прекршува и се разделува како да минува низ призма. Исто така, има и честички кои остануваат да висат во воздухот, а за возврат прават расеаната светлина да отскокнува и да се одбива од нив.

Кога сонцето изгрева или заоѓа, неговите зраци удираат во горните слоеви на атмосферата под одреден агол и тука настанува „магија“.

Како што сончевите зраци се пробиваат низ тие погорни слоеви, сините бранови должини се разделуваат и одбиваат наместо да се апсорбираат.

- Кога сонцето е ниско на хоризонтот, се распрснуваат сите сини и зелени бои, а добиваме портокалов и црвеникав сјај - вели Блумер.

Тоа е затоа што светлините со пократки бранови должини (виолетова и сина) се расфрлаат повеќе од оние со подолги бранови должини (портокаловата и црвената), а резултатот е лепеза од фасцинантни бои на небото.

Фото: Pixabay

Но, небото изгледа црвено!


Да, тоа можеби изгледа така, но само така се чини - бидете сигурни дека сонцето ни малку не се променило. Во зависност од тоа каде се наоѓате, вашето небо би можело да биде уште поспектакуларно поради исклучителни локални услови.

- Облаците од прашина, чад и слични нешта исто така би можеле да влијаат на тоа како го гледате небото - вели Блумер.

Значи, ако живеете во Индија, Калифорнија, Чиле, Австралија и одредени делови од Африка, вашата атмосфера би можела да е побогата со честички кои ја одбиваат светлината во зависност од временските услови.

- Тоа е нешто како она што се случува на Марс кога црвената прашина ќе се крене во воздухот, дава впечаток дека небото е црвеникаво - вели Блумер.

А дури и ако живеете далеку од пустина, сѐ уште може да имате можност да ја набљудувате таа драматична глетка на небото - сахарскиот песок често останува во повисоките слоеви на атмосферата и патува преку Европа до Сибир или дури и до американскиот континент.

Извор: Би-би-си на српски
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука