X
 17.10.2019 Технологија

Со само 10 фотографии вештачката интелигенција го открива оштетувањето на мостовите

Минатото лето светот беше потресен од сцените од Џенова. Околу пладне, на 14 август, имаше обилен дожд, а десетици автомобили во тој кобен момент се најдоа на мостот „Моранди“, гордост на италијанскиот инженеринг. Но, токму тој ден мостот се сруши. Испукаа челичните линии што го обезбедуваа мостот и 200 метри од мостот се урнаа, заедно со 27 возила. Загинаа 43 лица, а 16 беа повредени. Стравот се рашири низ Европа, сите се прашуваа колку мостови се во опасност?

Официјалната истрага сè уште трае, а сите податоци велат дека главната причина за несреќата е корозијата на челичните линии што биле обложени со бетон, па корозијата била помалку видлива.

Дали несреќата можела да се избегне?

Судејќи според експертите за вештачка интелигенција, одговорот е дека технологијата може да помогне. Излегло дека водата со децении навлегувала низ бетонската обвивка и така ги слабеела челични жици. Она што за човечкото око е тешко уочливо, може да е едноставна задача за вештачката интелигенција.

most
Мостот во Џенова/Фото: Pixsell


- За да се избегнат несреќи предизвикани од „застарена“ инфраструктура, потребни се почести проверки, во овој случај состојбата на мостовите. Првпат почнав активно да размислувам за мостовите веднаш по трагедијата во Џенова и се прашував како може да се спречат таквите трагедии. За работниците да ја проверат состојбата на мостот, мора да се запре сообраќајот, што трае и претставува голем трошок. Таквите инспекции вклучуваат и човечки напор, а можни се и грешки. Затоа тука се технологијата и автоматизацијата на процесот. На пример, дронот може да го сними мостот од различни агли, а податоците може да се анализираат со помош на „Ај-би-ем вижуал рекогнишн“, решение засновано на платформата „Ај-би-ем Ватсон“. Податоците можеме да ги комбинираме со податоците за времето и атмосферските услови за да добиеме квалитетна анализа за состојбата на мостот - вели Јелена Шкалец, млад експерт за аналитика која работи во Загреб за „Ај-би-ем Хрватска“.

Таа неодамна на конференцијата „Тинк“ демонстрирала како алгоритамот може да ги намали трошоците, а притоа да ја зголеми ефикасноста на анализата за оштетувањето на инфраструктурата. Иако нејзината главна работа е когнитивна аналитика и аналитика на планирањето, нејзината љубопитност честопати ја носи во дополнителни проекти, како што се модели за обука за уочување на оштетување на мостови.

- Нашата платформа за вештачка интелигенција се наоѓа во облак, односно „Ај-би-ем клауд“. Која било организација, компанија на која ѝ се потребни такви услуги може да пристапи до оваа технологија во секое време. Направивме многубројни решенија за деловни корисници во многу индустрии. Во овој демонстративен случај направивме многу едноставно решение. Немаше потреба да се знае кој алгоритам е зад решението. За само неколку минути може да се обучи моделот од чија основа можеме да донесеме вредни заклучоци. Секако, во реалноста решенијата се покомплексни и потребно е да се направи модел заснован на слики, а во некои случаи илјадници слики - открива Јелена.

Вели дека најтешкиот дел е оној што се однесува на податоците - треба да се најдат добри фотографии бидејќи на нив моделот се обучува. Ако имате квалитетни податоци, увидот од таквите податоци ќе биде поточен и вашите одлуки ќе бидат поинформативни.

- Минимум за потребите на обуката на модел се 10 фотографии - вели таа.

2
Јелена Шкалец


Таа го испробала својот алгоритам на мостови во Хрватска. Ова вклучувало и некои од мостовите во Загреб.

- Направив демонстрација користејќи слики од мостови од различни градови во Хрватска. „Ај-би-ем вижуал рекогнишн“ го скенира мостот така што го детектира делот од мостот што треба да се поправи - истакнува Јелена.

- „Ај-би-ем вижуал рекогнишн ќе ни помогне да детектираме корозија, оштетување на челик или бетон, но покрај технологијата потребна е и соработка со човек. Човекот е тој што ќе одлучи за понатамошните чекори - додава таа.

На прашањето дали треба да ни биде страв што вештачката интелигенција влезе во сите сфери на животот, таа вели не.

- Не, никако. Денес живееме во дигитален свет и често се вели дека сите знаат сè за нас. Денес оставаме такви информации на социјалните мрежи, нашата локација, пишуваме каде патуваме, што пиеме и што јадеме. Она што е важно е како ги користиме тие податоци, за кои цели ја користиме технологијата. „Ај-би-ем“ се залага за етички развој на вештачката интелигенција. Целта на вештачката интелигенција се однесува на зголемување на човечката интелигенција, таа е тука да ни помогне. На пример, ако дома немате интернет, мора да ја ресетирате вашата лозинка, а за да го направите тоа, мора да повикате некого. Поедноставно би било таквиот проблем да се реши со автоматски чет уште додека сте на пат кон дома.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија