Кинескиот претседател Кси Џинпинг, успеа да го укине ограничувањето на претседателскиот мандат. Ова е значаен политички чекор што го отвора патот за тој да остане на власт во годините што доаѓаат.
Кси доби можност да ја води Кина колку што сака, станувајќи нов кинески цар кој целосно ја контролира моќната Комунистичка партија и останатите воени и политички институции. Речиси 3.000 членови на кинескиот Национален народен конгрес го изгласаа уставниот амандман за време на неделната попладневна сесија во Големата сала на народот.
Кина под Кси го зголеми своето влијание во регионот, а со новиот проект доби економски сојузници и меѓу западните земји. На меѓународната сцена, Кси внимателно игра, а традиционалното ривалство со Америка, Кина го држи во рамките на овозможување внатрешна стабилност и доволно меѓународно влијание.
Кси целиот негов живот бил поврзан со Комунистичката партија, а неговиот татко Кси Зонгксун бил познат револуционер и двапати вицепремиер. Но и покрај тоа што Мао Зе Донг го отстранил од сцената, помладиот Кси останал верен на партијата што ја води повеќе од деценија. Политичката кариера ја започнал како партиски секретар во 1969 година, а за брзо време напредувал до гувернер и партиски шеф.
Но кога „вујко Кси“, како што го нарекуваат во комунистичките пропагандни памфлети, ја презел државата, тој во голема мера раскрстил со традиционалните методи. Започнал силна борба против политичките противници, апсејќи ги за корупција. На тој начин отстранил голем дел од неговите противници.
Денс Кси е недопирлив лидер на Кина и неговото доживотно владеење за повеќето луѓе е природен чин. Во Кина го нарекуваат „претседател на сè“. И покрај тоа, западните економски експерти истакнуваат дека забавувањето на економскиот раст кога-тогаш ќе започнат да го „тресат“ неговото
владеење, а кршењето на човекови права ќе дојде да си го собере данокот, особено ако големиот глобален проект „Пат и појаси“ не се покаже како успешен.