X
 24.12.2018 Наука

Сателитски снимки ја открија тајната на смртоносното цунами?

16-годишниот Азки Курниаван се наоѓал во хотел во популарен ресорт на плажата Карита на островот Јава кога луѓето почнале да трчаат и да викаат: - Морето се движи! Курнавиан потоа истрчал на паркиралиштето за да стигне до својот мотор, но морето го стигнало.

- Одеднаш ме погоди бран висок еден метар - изјавил тој.

Страшното цунами ги изненади сите што беа на брегот на теснецот Сунда во Индонезија, односно на островите Јава и Суматра, а експертите се обидуваат да откријат како дошло до оваа катастрофа во која загинаа најмалку 222 лица, 843 луѓе беа повредени, а бројот на исчезнати е непознат.

Најверојатната теорија што ја докажуваат и сателитските снимки укажува на тоа дека цунамито, како што вообичаено се случува во природата, не настанало поради земјотрес, туку поради ерупција на вулкан. Снимките по цунамито откриваат страшна природна катастрофа што затекна многубројни жители и туристи. По цунамито било издадено предупредување дека би можело да дојде до уште еден бран, па се советуваа жителите да се оддалечат од брегот за да се избегне потенцијална катастрофа.

Немало начин да се предвиди појавата на цунамито

Според досегашните изјави на експертите, се чини дека немало начин да се предвиди цунамито. Имено, со оглед на тоа дека цунамито не настанало како последица од земјотрес, што е вообичаен причинител, населението не било предупредено за природна катастрофа. Експертите сега истражуваат дали ова цунами е поврзано со ерупција на вулканот Анак Кракатау, а сателитските снимки ја предвидуваат оваа теорија.

Се претпоставува дека причината за цунамито е лизгањето на земјата во морето по ерупцијата на овој вулкан. Во овој момент сѐ уште не е јасно дали во морето се срушил само страничниот дел на вулканот, па така да создал смртоносно цунами или движењето на страната на вулканот довело до брзо повлекување на талогот под површината на морето, што потоа предизвикало цунами. Но, се чини дека експертите се согласуваат дека ерупцијата е причината за цунамито.

Деталите за теоријата сѐ уште се проверуваат, а сателитските снимки на радарот за снимање на површината на Земјата, „Сантинел 1“ на Европската вселенска агенција, би можеле да ја поддржат оваа теорија. На нив се гледа како дел од вулканот се руши и на небото се крева облак од пепел.

Вулканот еруптирал во петокот

Од индонезиската геолошка агенција известиле дека вулканот Анак Кракатау во петокот еруптирал и дека ерупцијата траела 2 минути и 12 секунди, создавајќи облак од пепел висок 400 метри.

Вулканот почнал да се формира во 1927 година на остатоците на калдерата на Кракатау, уште еден вулкан чија ерупција во 1883 година се смета за една од најлошите во историјата - што предизвикало цунами кое убило околу 36.000 луѓе, а произвело бучава што можела да се слушне дури до Австралија. Кога еруптирал Кракатау, се срушил под површината на морето и создал подводна калдера, односно голем вулкански кратер широк 6,4 километри, основата на денешниот вулкан кој неделно растел околу 13 сантиметри.

Денешниот вулкан Анак Кракатау, чие име во превод значи Детето Кракатау, се издига 338 метри над површината на морето, а еруптирал во текот на 2016 и 2017 година, но бил поактивен овој јануари. Поради помалите ерупции во јули и август, била проширена забранетата зона околу островот.

Како што тврдат експертите, катастрофата не можела да се избегне. Иако мерните уреди забележале потреси, тие не биле доволно силни за да се евакуира населението.

Да дошло до поголем земјотрес поврзан со ерупцијата на вулканот, жителите можеби би биле предупредени и би можеле да избегаат. Но, во ваквите евакуации луѓето и онака се препуштени сами на себе бидејќи оддалеченоста од изворот на цунамито до населените места е многу мала.

- Системите за предупредување за цунами се позиционирани за да предупредат за цунами што настанува за време на земјотрес во тектонските плочи под нивото на морето - вели професор Дејв Ротери од Отворениот универзитет во Велика Британија.

- Дури и да беше предупредено населението, цунамито беше толку блиску до погодената област што времето беше многу кратко поради високата брзина со која цунамито се движеше - додава тој.

Ваквите случаи укажуваат дека се потребни многу повеќе истражувања за ваквите катастрофи да можат да се предвидат во оваа област. Целосно неочекувано цунами е ретко и за оваа област. Населението е во шок, а снимките од катастрофата го заобиколија светот.

Додека жителите и другите посетители на Јава и Суматра ја пресметуваат штетата и ги бараат своите најмили, од Националната агенција за управување со вонредни состојби објавија дека вулканот продолжи да еруптира.

- Агенцијата за метеорологија, климатологија и геофизика препорачува да избегнувате да одите на плажа и на брегот некое време - изјави Сутопо Пурво Нугрохо и додаде дека сѐ уште постои можност за ново цунами поради континуираната ерупција на вулканот.

ГАЛЕРИЈА

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука