Тешко е да се опише значењето на стоката за племето Мундари. Во судирите околу стоката во 2009 година, во Јужен Судан, каде што живее ова племе, убиени се речиси 2.000 лица.
Тешко може да се најдат толку посветени пастири како што е случајот со ова племе кое живее на бреговите на Нил, северно од престолнината Џуба. Нивниот начин на живот е насочен кон грижа околу стоката ватуси, раса со рогови од која една единка може да тежи и до 730 килограми.
Овој вид стока има посебна симболика за ова племе. Секое говедо е многу ценето и ретко се убива за месото. Наместо тоа, овие животни се нивна аптека, мираз, но и пријатели.
На високите и мускулести членови на племето Мундари исхраната главно им се заснова на млеко и јогурт, а урината од животните ја користат како боја за коса. Имено, амонијакот од урината прави припадниците на племето да имаат портокалова боја на косата.
Освен како фарба, урината се користи и како антисептик, како и изметот, кој со согорување го претвораат во пепел и го ставаат во крем што го користат за заштита од сонцето.
Припадниците на племето и спијат меѓу стадото, а не е реткост и на нивните огромни животни да им дадат масажа.