Од 223 донации, 124 беа од Македонци во дијаспората, останатото е од хумани луѓе од Австралија и од други земји, кои веројатно не знаат ниту каде е Македонија, а уште помалку – Битола, вели 16-годишната Медисон, која го покрена проектот за собирање пари за реновирање на тоалетите
Учениците во средното медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ од Битола ќе ја дочекаат новата учебна година со реновирани тоалети и сменети врати на училниците. Луѓе од цел свет донираа пари за да се реновираат руинираните тоалети во ова училиште. Благодарение на средношколката Медисон Ристeвски од Австралија, која има македонско потекло, и нејзината GoFund.me акција, ова училиште ќе го врати некогашниот сјај и новите генерации ќе ги пречека во понормални услови. По предлог на Медисон, беа собрани и дополнителни средства за да се сменат и дотраените врати во ова училиште.
Приказната за која пишуваше Факултети.мк стигна до многу луѓе кои несебично ги отворија срцата и нивните џебови за да се постигне повисока цел, а тоа е создавање нормални услови за одвивање на наставата во ова училиште.
Ова било големо искуство за Медисон, која живее во Волонгонг и има потекло од Битола. Таа вели дека целото искуство ѝ било возбудливо, но, за жал, и разочарувачко.
Големо искуство
- Ние сме пресреќни што собирањето на сумата е речиси при крај. Собравме 33.000 австралиски долари и го подигнав лимитот на 36.000 за да можат да се сменат и вратите во училиштето, кои се со дупки и не се затвораат. Теоретски, ова требаше да биде многу лесно, иако испадна спротивното. Страницата GoFund.me беше споделена на речиси сите македонски фејсбук-страници и добивме 223 донации. Од нив, 124 беа од Македонци во дијаспората, останатото е од хуманитарци од Австралија и пошироко кои веројатно не знаат каде е Македонија, а уште помалку – Битола – вели Медисон.
Таа додава дека во совршениот свет ако секој што ја споделил страницата донирал барем 1 долар, ќе собереле дополнителни 1.000 долари за локалниот Дом за деца без родители, на пример.
- На другата страна од светот, во Македонија, бев и пофалувана, но и исмејувана. Имаме само една финансиска донација од Македонија, а Дејан Томски го надгледуваше проектот бесплатно. Се прашувам каде се луѓето од локалните бизниси да помогнат со некој денар во кампањата? После сѐ, тоа ќе биде за нивните деца и внуци. Зошто локалното население не помага барем во расчистувањето на шутот? Јас сум свесна дека секој не може финансиски, но и со труд може да се помогне. Парите што ќе се заштедеа, ќе се најдеа за деца на кои им требаат – вели таа.
Медисон објаснува дека е горда Австралијка, која доаѓа од мултикултурна средина во која луѓето се обединуваат и си помагаат еден на друг.
- Како Македонци насекаде по светот, навистина треба да направиме повеќе од тоа да ставаме тетоважи од знамето и да протестираме мирно. Треба да се обединиме и да се поддржуваме. Му благодарам уште еднаш на секој и благодарам за позитивното однесување на медиумите. Едвај чекам да го видам проектот завршен - вели Медисон.
Медисон Ристевски
Петковска-Микаровска: Тука сме за помош
Важна улога во реализацијата на оваа акција имаше професорката по англиски јазик во ова училиште, Марија-Магдалена Петковска-Микаровска, позната како Класнето, која во изминатиот период спроведе многу еколошки акции за чистење на Битола и нејзината околина. Проектот за собирање пари за реновирање на тоалетите во битолското средно училиште беше средношколски проект кој Медисон требало да го реализира во рамките на редовната настава.
Класнето, како што ја нарекуваат професорката Петковска-Микаровска, на една од акциите за чистење
- Луѓе од цел свет донираа пари, кои се собраа за да се направи ова место подобро, место каде што учениците ќе имаат уште поголем мотив да го извадат најдоброто од себе. Сето ова немаше да се случи на овој прекрасен начин доколку не беше Медисон, која со своите 16 години нѐ подучи сите како темелно се прави нешто со цела енергија и посветеност. Таа е девојчето кое го направи проектот, ги собра парите буквално од добронамерни луѓе од цел свет, а вчера направи и нова иницијатива за собирање пари за да се сменат и дел од вратите во нашето училиште. Дел беа обновени во првата фаза, меѓутоа, да не се заборави и моментот дека училиштето беше во долг од речиси милион евра кога го презеде директорката Билјана Кокалевска. На повидок, со тешка и макотрпна работа, е одблокирање, а таа обврска ја презедоа МОН и Општината, наше беше да преземеме различни иницијативи кои беа полни со ентузијазам за да ги подобриме условите. Да покриеме еден голем резил - вели Петковска-Микаровска.
Професорката смета дека оваа акција треба да им биде пример на многу училиштa за да се покрене свеста дека самите по малку можеме да направиме многу.
- Сега да си се зафатат тимови од сите училишта каде што тоалетите се во страшна состојба, а се знаат кои се, и доколку им треба помош, од срце ќе им го покажеме патот. Нека не се однесуваат како да нема решение! Светот е прекрасно место со прекрасни луѓе кои сакаат и можат да помогнат! До нас е дали ќе ги искористиме сите ресурси или ќе лелекаме и ќе пиеме кафе пред училиште чекајќи да заврши работниот ден! – додава Петковска-Микаровска.