Уште малку помалку од 8.000 евра треба да се соберат за да може целосно да се реновираат тоалетите во средното медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ во Битола
Колку е важен активизмот на поединецот уште еднаш покажува професорката по англиски јазик од средното медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ од Битола, Марија-Магдалена Петковска-Микаровска, која иницира меѓународна помош за да се реновираат тоалетите во училиштето каде што предава. За неколку недели преку
GoFundMe веќе се собрани над 14.615 евра од 20.500 евра колку што се потребни за да се среди големиот проблем со руинираните тоалети, стар многу децении.
Донациите доаѓаат од хумани луѓе од Австралија, Кина, Филипините, Нов Зеланд, Малта, Канада, САД. Интересно е како настана овој проект. За тоа е заслужна Медисон Ристевски, средношколка од Волонгонг, Австралија. Таа ѝ припаѓа на четврта генерација Австралијци со македонско потекло и изработувајќи средношколски проект, ги заинтригира светот и нашата дијаспора.
Марија-Магдалена Петковска-Микаровска
Професорката Петковска-Микаровска ни објасни како се случила кампањата.
- Тоалетите се во катастрофална состојба подолго време. Јас знаев дека морам нешто да преземам за да најдеме решение. Со поддршка од моето училиште и од директорката Билјана Кокалевска, срочив писмо во кое објаснив што е проблемот и го испратив до разни меѓународни институции, поединци, за да привлечеме внимание. За среќа, ни се обрати Џим Ристевски од Outsourcce To Macedonia, кој има македонско потекло, а е роден во Австралија. Тој е успешен бизнисмен кој одржува релација со Македонија и ми предложи да помогне. Ми објасни дека целата кампања би можела да се организира и преку неговата ќерка Мадисон, која во своето училиште морала да направи проект за доброто на заедницата. И така некако се наредија коцките. Нè поддржа градоначалничката Наташа Петровска - вели Марија-Магдалена, професорката која во последните месеци ѝ е подобро позната на нашата јавност по прекарот Класнето и на големо ги мотивира битолчани да учествуваат во
еколошки акции за чистење на нивниот град и околината.
Додава дека се надева дека во оваа кампања ќе се вклучат повеќе македонски компании, поединци. Таа изразува огромна благодарност до Олга Костовска, која подарила 2.000 евра.
Медисон со својот татко Џим
Идејата на средношколскиот проект во „Илавара Грамар скул“ во Волонгонг била да се направи светот подобро место.
- Јас одлучив да ја насочам мојата енергија на средното медицинско училиште во Битола. Сум ја посетила Македонија неколку пати и сфатив дека ние сме благословени што живееме во Австралија, земја каде што здравјето, образованието, демократијата и квалитетот на животот се сметаат за едни од најдобрите во светот. Средбата со ова училиште беше возбудлив настан за мене. Тоа беше можност да го искусам од прв ден животот на ученик во македонско школо. На крајот од денот бев вџашена и анксиозна поради условите во кои учат тинејџерите. Ѕидовите и таванот беа покриени со мувла. Тоалетите беа или расипани или затнати и непријатна миризба се чувствуваше уште од моментот кога ќе влезете. Се прашував зошто не е направено нешто повеќе и во разговорите со повозрасните од различни професии научив дека проблемите на недоволно развиените нации се комплексни - тоа е мешавина на политички, општествени, културни и финансиски фактори што ги комплицираат едноставните работи кои ние во развиените земји ги земаме здраво за готово - пишува Медисон во објаснувањето на кампањата.
Тоалетите во средното медицинско училиште во Битола се во катастрофална состојба
Таа дополнува дека сите големи проблеми се, всушност, збир на многу мали.
- Користејќи го овој пристап, се обидувам да направам мала промена во животите на овие ученици, обидувајќи се да ги поправиме нивните тоалети. Сакам да покажам дека работите се можни и се надевам дека ќе водат кон тоа да се создаде национален план за да им се помогне на сите училишта во Македонија - вели средношколката од Австралија.
Колку повеќе даваш, толку повеќе добиваш – тоа е лекција што Медисон ја научила од мали нозе од својот татко.
- Теоретски, собирањето пари изгледаше многу лесно, но во практика се покажа дека е прилично тешко. Оваа иницијатива покажа дека светот е прекрасно место исполнето со прекрасни луѓе. Поголемиот дел од сумата беше собран од луѓе со големи срца и од многу различни националности и религии, кои не ни знаат каде се наоѓа Битола - вели Медисон.
Нејзиниот татко признава дека многу се гордее со трудот на Медисон.
- Ја гледав како се бори и се јавува за донации. Неретко се случуваше бизнисмен од македонско потекло да ѝ спушти слушалка или да ѝ каже дека е презафатен за донации. Нејзиниот разочаран поглед многу кажуваше. Иако сум многу возбуден, последните неколку недели беа фантастична животна лекција за Медисон и убеден сум дека ќе продолжи да прави разлика. Таа ќе успее да ја собере целата сума - вели Џим.