X
 11.05.2019 Култура

Катерина Велика: Една од најмоќните жени во светот поради која руските девојчиња почнале да учат

На 2 мај 1729 година била родена Катерина II Велика, руска кралица позната како еден од најмоќните владетели на сите времиња. За време на нејзиното владеење Русија опфатила голема територија на брегот на Црното Море, спречила полски востанија и станала доминантна сила во источниот и во југоисточниот дел на Европа. Како лидер на просветниот апсолутизам во Русија, Катерина се обидела да ја обезбеди својата европска империја со голем број реформи.

Животот на Катерина бил исполнет со многу тајни. И денес, 220 години по смртта на Катерина, таа не престанува да ја воодушевува јавноста.

Името не ѝ било Катерина и не била Русинка


Најголемата руска владетелка не била Русинка. Катерина Велика била родена како германска принцеза Софија Фредерика Августа фон Анхалт-Цербст. Благодарение на силните врски што ги имала нејзината мајка, младата Софи можела да избира меѓу десетици мажи од цела Европа.

Бидејќи мајка ѝ цел живот ја подготвувала за добар брак, таа веднаш паднала во очите на руската кралица Елизабета, која својот внук Петар го избрала како наследник, а во Софи видела идеална партнерка за него. Така, со навршени 16 години Софи се омажила во руското семејство Романов и добила ново име - Екатерина (Катерина).

Секогаш го добивала тоа што го сакала

Катерина била многу мудра и знаела како да ги сврти работите во своја корист, но и во корист на целиот руски народ. Гледајќи дека нејзиниот сопруг пропаѓа по војната со Прусија, таа ги зела работите во свои раце.

Неколку месеци подоцна, по абдикацијата на нејзиниот сопруг, поддржана од притисокот на народот, таа седнала на тронот како независна руска царица. Иако во тоа време низ кралството кружеле шпекулации дека нејзиното дете е незаконско, тоа не ја спречило да владее со светот.

На почеток владеењето на Катерина во очите на остатокот од светот изгледало како да се враќа назад, а не да оди напред. Затоа, таа цврсто одлучила да го промени ова преку образовни реформи, што вклучувале работа во уметноста и образованието. Прво основала приватно училиште за девојчиња од повисоките социјални слоеви, а подоцна отворила и бесплатни училишта низ целото царство, за сите деца.

Еднакво спонзорирала многубројни културни проекти, напишала либрета за опери, собирала уметнички дела и разменувала писма со Волтер и Дени Дидро, поканувајќи ги во Русија. Всушност, Дидро ѝ го дал прекарот Катерина Велика.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура