X
 28.11.2016 Култура

Најевидентни карактеристики на фашизмот според Умберто Еко


Умберто Еко

Еко израснал под фашистичкиот режим на Мусолини во Италија, што всушност беше диктатура, но не целосно тоталитаризам, пред сè поради филозофската слабост на неговата идеологија. Спротивно на вообичаените мислења, фашизмот во Италија немаше посебна филозофија.

Италијанскиот фашизам бил „првата десничарска диктатура што завладеала со една европска држава“, па според тоа, Италија имала „ексклузивно“ право да го именува политичкиот систем на функционирање. Но, на Еко не му е јасно „зошто зборот ‘фашизам’ станал синегдоха, т.е. збор што би можел да се користи за различни тоталитарни движења“. Тој напиша дека фашизмот беше нејасен тоталитаризам, колаж од различни политички и филозофски идеи, кошница со противречности.

Еко е конзистентен во следното свое тврдење: „Постои само еден нацизам“, вели тој, „фашистичката игра може да се игра во многу облици, но името на играта не се менува“. Во својот текст „Ур-фашизам или Вечниот фашизам“, Умберто Еко изнесува 14 типични карактеристики на фашизмот. „Овие карактеристики“, пишува познатиот семиотичар и романсиер, „не можат да бидат организирани во систем; многу од нив се противречни едни со други и истовремено се типични за други видови деспотизам или фанатизам. Но, доволно е една од овие карактеристики да биде присутна, за да може фашизмот да коагулира околу неа.“    

1.    Култ кон традицијата – Доволно е само да се погледне програмата на кое било фашистичко движење, за да се откријат големите традиционалистички мислители. Нацистичкиот гносис се потхранува со традиционалистички, синкретистички, окултни елементи.

2.    Отфрлање на модернизмот – Просветителството, односно Добата на разумот, се сметало како почеток на модерната изопаченост. Во таа смисла, ур-фашизмот може да се дефинира како ирационализам.

3.    Ирационализам – Чинот што сам по себе е убав, мора претходно да биде преземен или без какво и да е размислување. Размислувањето е форма на кастрација. Па така, културата станува сомнителна во моментот кога ќе се поистовети со критичките ставови.

4.    Несогласувањето е предавство – Критичкиот дух разликува, а согледувањето на разликите е знак на модернизмот. Во модерната култура, научната заедница го вреднува несогласувањето како начин на унапредување на знаењето. За ур-фашизмот, несогласувањето е предавство.

5.    Страв од различното – Првиот знак за фашистичко или предфашистичко движење е токму стравот од дојденците. Според тоа, ур-фашизмот по дефиниција е расистички.

6.    Индивидуална или социјална фрустрација – Еден од типичните елементи на историскиот фашизам бил повикот кон фрустрираната средна класа, класата што била обременета од  економската криза или страдала од чувство на политичко понижување, уплашена од притисокот на пониските социјални групи.

7.    Опседнатост со заговори – Следбениците мора да се чувствуваат како под опсада. Најлесен начин да се реши проблемот со заговорите е да се повика на ксенофобија.

8.    Непријателот истовремено е силен и немоќен – Постојаното менување на реторичкиот фокус, го прават непријателот час силен, час слаб. Фашистичките влади се осудени на воени порази, бидејќи се неспособни точно да ја проценат моќта на непријателот.

9.    Животот е постојано војување – Во ур-фашизмот нема борба за живот, туку се живее за да се војува. Оттука, пацифизмот е тргување со непријателот. Пацифизмот е лош, бидејќи животот е перманентно војување.

10.    Презир кон послабите – Елитизмот (што во основа е аристократски) е типичен аспект на секоја реакционерна идеологија, а аристократските и милитаристичките елити во срцевината подразбираат презир кон послабите.

11.    Култ кон хероизмот и херојската смрт – Секој се образова да стане херој. Во секоја митологија, херојот е исклучително суштество, а ур-фашизмот херојството го поставува како норма. Овој култ кон хероизмот е тесно поврзан со култот кон смртта. Неслучајно паролата на фалангистите им беше Viva la muerte (Да живее смртта!).  
 
12.    Мачоизам – Својата волја за моќ, ур-фашистите ја пренесуваат на сексуално ниво. Мачоизмот подразбира презир кон жените и осуда на невообичаените сексуални навики, од невиноста до хомосексуалноста.

13.    Селективен/квалитативен популизам – За ур-фашизмот, индивидуите како индивидуи немаат права, а Народот се поима како квалитет, како монолитен ентитет кој изразува заедничка волја. Во иднина нè чека своевиден ТВ-популизам или интернет популизам каде емоционалната реакција на одредена избрана група ќе биде претставена и прифатена како глас на Народот.

14.    Ур-фашизмот зборува новоговор – Сите нацистички или фашистички учебници се служеле со сиромашен вокабулар и елементарна синтакса, со цел да ги ограничат средствата за комплексно и критичко размислување. Мораме да бидеме подготвени да ги препознаваме новите форми на новоговор, дури и кога се појавуваат во целосно невин облик на ток-шоуа.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура