X
 16.03.2023 Живот

Сон за секој работник или замка - зошто неограничениот одмор не е толку добра опција?

„Мајкрософт“, „Адоуб“ и „Нетфликс“ се само неколку од компаниите што преминуваат од фиксно платено слободно време на неограничен одмор.

Иако оваа опција звучи како сон за секој вработен, дали е така навистина? За почеток, треба да разбереме зошто одредени компании се одлучуваат на таков потег.

Всушност, една студија од 2022 година покажа дека по пандемијата, рецензиите на вработените во кои се споменува политиката на неограничено лично слободно време порасна за 75 отсто и рецензиите биле убедливо позитивни.

Исто така, ова е еден начин на кој компаниите се борат против согорувањето на работа, како и значителните заштеди на пари бидејќи тие не мора да ги плаќаат вработените на одмор како што тоа го правеа според традиционалните политики.

Но, тогаш кои се недостатоците за работодавците? Според „Блумберг“, неограничениот одмор може да има и негативна страна. Имено, како што прекумерната работа може да доведе до исцрпеност, исто така може и претераниот одмор. Освен тоа, некои вработени се помалку одговорни од другите, па можат да го злоупотребат „неограниченото слободно време“. Исто така, без ограничување, може да дојде до преклопување на годишните одмори, што дополнително доведува до доцнење во извршувањето на задачите.

Како вработените реагираат на неограниченото слободно време?

Политиката не функционира кај вработените што работат на саатница и може да доведе до нееднаквост и недоследности бидејќи зависи од одобрението на менаџерот.

Дополнително, истражувањето покажува дека вработените честопати добиваат помалку слободно време според неограничените политики отколку според традиционалните поради страв да не претераат или да изгубат предност во однос на оние што остануваат во канцеларијата.

Ова е особено точно во висококонкурентните индустрии како што е инвестициското банкарство. Некои луѓе се жалат дека политиките ги елиминираат упатствата за тоа колку време вработените треба да одвојат за одмор.

Колку често вработените земаат одмор?

Истражувањето од 2021 година на Бирото за статистика на трудот на САД покажа дека работниците од приватниот сектор во САД добиваат во просек 11 дена платен одмор по една година стаж, плус седум платени боледувања.

Истражување од 2022 година од страна на консултант за човечки ресурси покажа дека работниците во САД со неограничени денови и оние со фиксни денови користат приближно исто - 11 или 12 дена.

Тоа е значајна разлика од резултатите од 2018 година, според кои на оние со неограничено слободно време им биле потребни 13 дена, додека на оние со традиционални планови им биле потребни 15.

За да се спротивстават на нарушувањето на рамнотежата помеѓу работата и животот, некои работодавци што нудат неограничено слободно време поставиле минимален услов - две недели одмор секоја година.

Досега неограниченото слободно време е сè уште релативно ретко. Само околу 6 отсто од работодавачите го нудат тоа.

Сепак, тоа е најпопуларната нова придобивка меѓу американските работници, според извештајот на „Металајф“ за 2019 година.

Извор: Biznis.telegraf.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот